Колку работни места ќе чини „Брегзитот“?

Петицијата досега ја потпишаа повеќе од три милиони луѓе.

Околу 350.000 лица се вработени во финансиската метропола на ЕУ – Лондон, а по „Брегзитот“ дел од тие работни места би можел да биде преместен во другите земји членки на ЕУ. Во Франкфурт, што би можел да профитира од ова, веќе се радуваат, пишува „Дојче Веле“, пренесува Б92.

Сеедно дали големите меѓународни банки во Лондон подготвиле продолжување на работните договори или сеуште чекаат за тоа: за разгалените банкари во лондонски Сити и во финансиската четврт Кенери Ворф, поради „Брегзитот“ настапија тешки времиња.

На островот би можеле да бидат укинати над 100.000 работни места во финансискиот сектор, според мрачното сцнарио на една студија на Прасвотерхаус Куперс за импликациите на излегувањето на Велика Британија од ЕУ во однос на финансискиот сектор.

Еден од најсилните аргументи за европскиот финансиски центар Лондон досега беше „пашпортингот“, односно отстапката што Британците ја извојуваа во тешките преговори со ЕУ. Тој механизам им гарантира на компаниите со седиште во Лондон да може да работат во сите земји на Унијата без отварање подружници во тие земји и без придржување до нивните прописи.

Таа привилегија ја има само Велика Британија, а ја користат пред се швајцарските и американските банки за од Лондон да ги продаваат нивните финансиски услуги во целата Европска Унија.

Предноста притоа е во тоа што може да се придржуваат до лабавите британски правила на финансискиот пазар, а не до многу построгите правила што владеат во другите земји од континентот.

Уште еден спореден ефект, пред се од аспект на американските инвестициски банки, е тоа што, на пример банките Голдман Сак или Џеј Пи Морган во Лондон можеа да ги одбегнат законите што се посебно строги во Германија и Франција, а кои што ги штитат вработените од откази. Со „Брегзитот“ сега таквата пракса е завршена.

Кога Велика Британија наскоро нема да биде членка на заедничкиот европски пазар, тогаш ниту Сити – финансискиот центар на Лондон нема да може да ги задржи привилегиите за работење на финансискиот пазар на ЕУ, најави шефот на централната банка на Франција и член на Одборот на Централната банка, Франсоа Вилерој де Гало во разговор за „Франс Интер“.

Никој сериозно не помислува дека за краток временски рок десетина илјади работни места од Лондон ќе бидат префрлени од Лондон во Франкфурт, Париз или Даблин. Сепак Лондон, како европска точка за американскиот финансиски сектор, или за големите швајцарски банки, по спроведувањето на „Брегзитот“ веќе нема да има смисла.

По излегувањето на Велика Британија од ЕУ, институциите на еврозоната веќе нема да толерираат голем дел од финансиските трансакции да се извршува во странство, нагласи неодамна Кристијан Нојер, поранешен потпретседател на ЕЦБ. Европската централна банка веќе подолго време се обидува под свој надзор да го стави секторот што ги одредува каматите и каматните стапки.

Франкфурт на Мајна би можел да профитира со преместувањето на овој сектор, дури и ако се земе во предвид планираната фузија на Германската берза со Лондонската.

Се очекува дека неколку илјади работни места ќе бидат префрлени во Франкфурт, а во рок од пет години на тој начин во Франкфурт од Лондон би можеле да бидат префрлени од 1,5 до 2,0 отсто работни места во финансискиот сектор.