Колку заработил Путин во 2020 година?

Во неговиот анкетен лист за приход, трошоци и имот, објавен вчера на официјалната веб-страница на Кремљ, наведено е дека приходот на рускиот претседател Владимир Путин во 2020 година изнесува 9 милиони 994 илјади рубли, односно околу 110 илјади евра.

Како што пренесува ТАСС, приходите на шефот на руската држава се за 268 илјади рубли поголеми отколку во 2019 година, кога Путин декларираше приход од 9 милиони 726 илјади рубли. Рекорден останува приходот на рускиот претседател пријавен во 2017 година – повеќе од 18,7 милиони рубли, сума во која влегуваат и средствата од продажба на парцела од 15 хектари.

Списокот со имотот на рускиот претседател во декларацијата не е променет. Има стан со површина од 77 квадратни метри и гаража со површина од 18 квадратни метри, две стари возила, „волга ГАЗ М21“, џип „нива“ и приколка „скиф“. Претседателот користи стан од 153,7 квадратни метри и гаража од 18 квадратни метри. Сите овие објакти се наоѓаат во Русија.

Рускиот премиер Михаил Мишустин заработил 19 милиони и 853 илјади рубли во 2020 година (околу 210 илјади евра).

Портпаролот на претседателот, Дмитриј Песков, има приход над 12,5 милиони рубли.