Колумбиските власти се подготвени да исплатат награда до 3 милијарди пезоси, односно 796.000 американски долари, за информации кои ќе доведат до апсење на лицата кои отворија оган врз хеликоптерот со кој се превезуваше претседателот на земјата Иван Дуке.
Распишувањето на наградата во саботата ја објави колумбискиот министер за одбрана Диего Молано.
„Наградата во висина од три милијарди пезоси ќе му биде исплатена на лицето кое ќе достави информации кои ќе овозможат откривање на извршителите на овој терористички напад“, вели министерот Молано во видео објавата на Twitter.
Исто така во саботата директорот на колумбиската Национална полиција објави дека во областа на Кукута е пронајдено оружје, две пушки со снајпер и пет рачни фрлачи со проектили, за коешто се верува дека е употребено во нападот врз претседателскиот хеликоптер од типот „Black Hawk“
Претходно доцна во петокот засега неидентификивани лица стрелале врз хеликоптерот кој полетувал од општината Сардината, а во кој се наоѓале шефот на државата и министрите за одбрана и за внатрешни работи на Колумбија, гувернерот на провинцијата Северен Сантандер и градоначалникот на Кукута.
Најмалку шест истрели биле испукани кон леталото, а според властите во нападот немало настрадани и само благодарејќи на искуството и присебноста на пилотите и екипажот била избегната трагедија. На локалните телевизии беа емитувани снимки на кои се прикажани траги од погодоци во трупот на хеликоптерот.
„Сакам да ја известам земјата дека откако ја завршив мојата посета на Сардината и се ближевме до приземјување во градот Кукута, претседатгелскиот хеликоптер беше цел на напад“, изјави претсеседателот Дуке во соппштението на неговиот кабинет и вети дека ќе ја продолжи борбата против сите криминални групи кои дејствуваат во земјата.
Во колумбиските медиуми засега не се посочува на ниедна од бунтовничките левичарски фракции или групации на нарко-картелите како можен извршител на обидот за соборување на хеликоптерот со главните политички личности во земјата.