Во средбата од Групата Х на Светското фудбалско првенство во неделата вечерта во Казан Колумбија беше убедлива против Полска со 3:0 (1:0) и остана во игра за пласман во осминафиналето, додека Полјаците немаат повеќе ниту теоретски шанси да се најдат меѓу 16-те најдобри репрезентации на мундијалот.
Поради важноста на бодовите во првото полувреме се играше многу претпазливо со очекување на грешка на противникот, па беа видени само две шанси за постигнување погодок. Сепак, Колумбијците беа поконкретни и во 40 минута дојдоа во водство по кусото проигрување од слободен удар меѓу Квинтеро и Хамез Родригез, а вториот нафрли во петте метри на Полска каде што новиот стопер на Барселона, 195 см високиот Јери Мина ја натскока противничката одбрана и со глава ја погоди мрежата. Претходно во 37 минута мешаница направи Хуан Квадрадо со неколку друблинзи на корнер-линијата, но неговото нафрлување беше блокирано.
До половината на второто полувреме Полска ја презема иницијативата, но не успеваше да создаде сериозна шанса. Единствената добра можност во периодот додека резултатот сѐ уште висеше Полјаците ја имаа во 58 минута кога Кришовјак испрати долга топка во колумбискиот шеснаесетник, која Роберт Левандовски во трк успеа да ја смири и да шутира но голманот Оспина беше добро поставен. Веќе во 70 минута Колумбија го зголеми водството, кога Квинтерео одлично го послужи Радамел Фалкао кој изби сам пред полскиот голман и рутинирано реализираше. По пет минути повратниот билет на Полјаците го чекираше Хуан Квадрадо од брз контранапад.
Претходно во неделата во истата група Јапонија и Сенегал одиграа 2:2 и двете екипи сега имаат по четири бодови. Колумбија има три бода и во последното коло на 28-ми јуни игра со Сенегал, додека Јапонија пласманот натаму ќе се обиде да го потврди против грогираната Полска.