Три противпожарни возила и 16 пожарникари го гаснеле пожарот што синоќа околу 21 часот избувна во модуларната ковид болница во Тетово. Само еден пожарникар во цел град не излегол на терен за да може да прима повици. Ова денеска го изјави командирот на тетовските пожарникари, Ука Алити, кој признава дека пожарникарите голема помош во гаснењето на пожарот добиле од граѓаните и од лекарите.
– Првата интервенција беше од внатрешната страна на болницата, а потоа моите колеги забележале дека мора да се интервенира и од другата страна. Тука требаше да се гасне пожарот, а истовремено и да се изврши евакуација на пациентите. Пожарот беше толку многу голем и постоеше ризик огнот да се прошири и кај другите објекти во близина. Но, ние дадовме сè од себе, го дадовме максимумот, и ги спречивме пламените јазици да направат поголема штета. Нашата цел беше да извадиме што е можно повеќе луѓе од опожарениот објект – изјави Алити.
Во тие моменти, додаде тој, не гледале и не мислеле дали вадат живи или мртви луѓе.
– Колку што можевме извадивме, но треба да нагласам дека и многу од граѓаните и од лекарите ни дадоа голема помош за да ги евакуираме луѓето што беа во модуларниот центар. Имаше само една експлозија н а боца, а во интервенцијата полесно е повреден само еден пожарникар, а четворица вдишале чад. Треба да биде јасно дека при голема температура, боците со кислород експлодираат. Кислородот се знае дека не гори, но прави експлозија и помага на проширувањето на пламените јазици – рече Алити во изјава за медиумите.