Коментарите на американски генерал за мировни преговори ја налутија Украина

Претседателот на Здружениот Генералштаб го повика Киев „да го искористи моментот“ за дипломатија со Русија.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува да ја увери Украина дека не го притиска Киев за какви било мировни преговори со Москва, откако висок американски генерал алудираше на „прозорец“ за дипломатско решение на конфликтот, објави Политико.

Според украинските и американските функционери интервјуирани од медиумот, Вашингтон му сигнализира на Киев дека секое зимско затишје во борбите „не значи дека разговорите треба да се случат веднаш“, истовремено ветувајќи дека ќе продолжи воената поддршка на Украина.

Украинската загриженост дека САД би можеле да го натераат Киев да бара мировно решение со Москва, беа поттикнати од неодамнешните коментари на генералот Марк Мили, претседател на Здружениот генералштаб на САД, кој рече дека Украина не може да постигне воена победа, притоа истакнувајќи дека зимата може да понуди можност за дипломатски ангажман.

„Кога има можност да се преговара, кога може да се постигне мир, искористете ја. Искористете го моментот“, изјави тој.

Русија и САД во понеделникот одржаа разговори на високо ниво во Анкара. Белата куќа подоцна инсистираше на тоа дека какво било „решавање на војната во Украина“ не било на маса, туку  дека преговорите се вртеле околу нуклеарното оружје и американските граѓани кои се во руски притвор. Москва одби да открие за што разговарале страните.

Според американски официјални претставници, мешаните пораки на Вашингтон за дипломатско решение на украинскиот конфликт ги „затегнуваат односите“ меѓу Вашингтон и Киев. Ова е дополнително нагласено со појавниот јаз меѓу американските официјални лица, при што некои, наводно, тврдат дека е прерано за мировни преговори, додека други веруваат дека зимата претставува шанса за дипломатија.

Последната група ги притискаше своите колеги во Вашингтон да ја разгледаат оваа можност „посериозно“, но досега не успеаја да го убедат американскиот претседател Џо Бајден и многу членови на неговата администрација, се вели во извештајот.

Москва постојано посочува дека нема да исклучи разговори со Киев, обвинувајќи ја Украина за недостиг на ангажман. Украинскиот претседател Владимир Зеленски постави услови за какви било преговори со Русија, кои вклучуваат „обновување на територијалниот интегритет на Украина“, „компензација за сета воена штета“ и „казнување на секој воен злосторник“.

Во октомври тој потпиша и декрет за забрана на какви било преговори со претседателот Владимир Путин.

Во раните денови од конфликтот, Киев имаше поинаков тон, испраќајќи тим од преговарачи во Истанбул во март, да разговараат за решение со Русија. Подоцна, сепак, нагло се повлече од овие разговори, наводно поради напорите на поранешниот премиер на Британија, Борис Џонсон. Минатиот месец, прес-секретарот на Кремљ, Дмитриј Песков, посочи дека сите идни разговори само со Украина веројатно нема да успеат, бидејќи каков било договор меѓу двете земји ќе биде „веднаш откажан по наредба“ од Запад.