Јавното водоводно претпријатие со години наназад има ниска стапка на наплата која се движи и под 50 отсто. Во последниот извештај за неговата работа, наведени се должниците, кои се тужени за неплатени сметки за вода, а меѓу нив, иронично, се наоѓа и „Комерцијална банка“.
Финансиска институција која, како и сите банки, е многу ревносна во наплатување на долговите на своите клиенти, но, изгледа не толку експедитивна и принципиелна кога се работи за исплаќање на својот долг.
Според информациите ЈП „Водовод и канализација“, долгот на „Комерцијална банка“ кон ова претпријатие е фантастични 74.000 евра, а тужбата за неплатени сметки за вода, се’ уште нема правосилна одлука за плаќање.
Од „Комерцијална банка“ реагираат дека долгот од 74.000 евра наводно се однесува на потрошена вода во објектот „Македонија табак“, во периодот кога таа зграда банката ја дала под закуп на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.
„Согласно склучениот договор за закуп, Министерството за земјоделие превзема обврски сметките за вода и останати комунални услуги да ги плаќа директно на надлежните јавни претпријатија. Споменатиот долг претставува дел од оваа обврска. ’Комерцијална банка’ АД Скопје, сите сметки за комунални услуги, вклучувајќи ги и сметките за вода ги плаќа редовно и навреме“, велат од банката.
Од Министерството за земјоделие, пак, го негираа ова тврдење на „Комерцијална банка“. Тие се децидни дека им се подмирени сите долгови за вода додека биле под кирија во објектот на „Македонија табак“.
Инаку, во топ пет најголеми должници се Ургентниот центар, кој за 2013 година должи 1,3 милиони евра, потоа „Охис“ со долг од 103.000 евра, Владата должи околу 96.000 евра за вода, а АД за стопанисување со станбен и деловен простор должи 81.000 евра.
На петтото место, е „Комерцијална банка“, но меѓу компаниите таа е прва.