Претседателот на Србија, Томислав Николиќ потпиша указ за распуштање на парламентот и предвремени избори. Резултатот практично предвреме е познат, власта во земјата ќе премине во рацете на Српската напредна партија, чиј лидер Александар Вучиќ, ќе стане новиот премиер на Србија. Од тоа може да заработат и руските инвеститори, пишува рускиот весник „Коммерсант“.
Клучната причина за предвремените избори е во неусогласеноста помеѓу популарноста на владејачката коалиција и нејзиното влијание во владата. Највисок рејтинг, над 40 отсто има Српската напредна партија, а нејзиниот лидер Александар Вучиќ, е најпопуларниот српски политичар. Сепак многу клучни позиции припаѓаат на Социјалистичката партија, вклучувајќи ја фотелјите на премиерот и министер за внатрешни работи, кои ги зазема лидерот на социјалистите, Ивица Дачиќ, се вели во весникот.
Извори на весникот, блиски до владата на Србија, велат дека уште една не помалку важна причина за предвремени избори е тоа што се очекува тие да доведат до сериозна редистрибуција на власта во земјата.
Економската положба на Србија е крајно тешка, а промена кон подобро нема да е можна без привлекување на инвестиции однадвор. Сепак многу странски инвеститори во Србија, вклучувајќи ги и руските, се соочуваат со сериозни проблеми, што граничат со дискриминација. Изворите на „Комерсант“ ја поврзуваат оваа ситуација со фактот дека од времето на Слободан Милошевиќ, многу структури во земјата се контролирани од луѓе блиски до Социјалистичката партија.