Комесарот на француската влада за пензиската реформа поднесе оставка поради судир на интереси

Високиот комесар на француската влада за пензиската реформа, Жан-Пол Делевоаје, обвинет за судир на интереси поради тоа што не ја пријавил должноста која ја извршувал покрај својот ангажман во владата, му поднесе оставка на претседателот Емануел Макрон кој „со жалење“ ја прифатил, соопшти во понеделникот Елисејскиот дворец.

Оставката на Жан-Пол Делевоаје, именуван во септември 2017 година поради продготовка на пензиските реформи, доаѓа во екот на протестите против овој проектот кој стана симбол на мандатот на претседателот Емануел Макрон.

Високиот комесар, кого владата го бранеше до самиот крај, се најде во позиција која беше ненадмилива во условите на штрајкот против реформите кој во понеделникот влезе во 12-от ден. Делевоаје призна дека пропуштил да пријави десетина дополнителни должности покрај онаа во влада, меѓу кои и мандатот на управител во школа за обука на службеници во осигурувањето Ifpass, на волонтерска основа, што го поттикна сомневањето на јавноста за судир на интереси.

Заменикот на Делевоаје ќе биде именуван „во најкус можен рок“, се наведува во соопштението на кабинетот на францускиот претседател, во кое се пофалува неговата „вредна работа на историската реформа“.

Самиот комесар оцени дека „силните напади и купот лаги ја нарушиле довербата“ во неговата работа и дека со „судењето“ нему сакале да му „зададат удар на проектот“ кој е „извонредно важен за Франција“, се наведува во писмената изјава на Делевоаје за агенцијата AFP.

Штрајкуваат главно службениците во јавниот сектор кои се незадоволни од планираните промени во пензискиот систем. Во Франција, всушност, постојат повеќе од 40 пензиски модели, па понекогашп вработените во еден сектор не се во ист систем за пресметка. Поинаку се пресметуваат и работниот стаж и начинот на исплата на пензиите, а покрај тоа има и низа повластици за различните звања.

Макрон е упорен во тврдењето дека постојниот систем е „нечесен и прескап“ и се залага за единствен систем каде што со ситемот за бодување ќе се вреднува трудот и каде секој пензионер ќе има исти права кон секое евро кое го уплатил во пензискиот систем.