
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во рамките на својата посета на Скопје во четвртокот оствари средби со министрите во македонската влада при што од двете страни беше реафирмиран ставот за владините приоритети во прилагодување на позитививните европски практики.
На средбата со министерката за образование и наука беа искутирани клучните предизвици во образованието за периодот 2018/2025 година во поглед на почитувањето на човековите права, но и во однос на почитувањето на различностите или подобрување на меѓуетничката интеграција во предучилишното, основното и во средното образование.
Министерката Дескоска изјави дека стратегијата за образованието предвидува соодветни решенија за инклузија на лицата со посебни образовни потреби, во смисла обезбедување физички услови за вклучување на учениците со физичка попреченост, кои во моментот се исклучително ограничувачки, но и формирање инклузивни тимови во училиштата, унапредување на капацитетите и екипирање на стручната служба со педагози, психолози и специјални едукатори.
Дескоска натаму се осврна на интеркултурното образование, кое во моментот не е соодветно отсликано во наставните или воннаставните активности. Се разговараше и за унапредување на меѓуетничката интеграција во училиштата како место каде што учениците треба да се воспитуваат во духот на толеранцијата, мултикултурализмот и соживотот.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пак, на средбата со Мужниекс, го информираше комесарот за актуелните процеси и активности на министерството, кои што ќе ја подобрат состојбата со почитувањето на човековите права во земјава.
Во однос на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој е веќе доставен до Венецијанската комисија, министерката истакна дека суштинските промени ќе се случат со професионализација на Kомисијата. Во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе бидат вклучени лица со долгогодишно искуство на полето на човековите права и со тоа ќе биде независна во одлучувањето и поефикасна во својата работа.
Посебен акцент беше ставен на проблемот со вклучување на голем број ромски деца во специјални училишта, иако не се лица со попреченост. Заедно со Ромскиот образовен форум се спроведуваат активности за нивно вклучување во редовниот образовен процес. Исто така, беше посочено дека МТСП креира мерки за вклучување на пазарот на труд и достапно образование, како клучни сегменти кои овозможуваат вистинска инклузија на Ромите во општеството.
Во однос на лицата без документи, од кои најголем дел се Роми, беше укажано дека Владата интензивно работи на конечно решавање на овој долгогодишен проблем и во таа насока се подготвуваат и неопходните законски измени.
Комесарот Мужниекс беше информиран и за процесот на деинституционализација, односно трансформацијата на големите институции за згрижување лица, со оглед на тоа што во дел од овие институции години наназад се констатира кршење на човековите права.
Соодветната стратегија ќе биде усвоена наскоро, а паралелно се работи на промена во фнкционирањето на дневните центри за лица со попреченост, обезбедување локации за мали групни домови, како и развивање на систем на услуги на локално ниво во соработка со општините.
Протоколарна средба со Комесарот за човекови права на Советот на Европа оствари и министерот за правда, Билен Салији кој се заблагодари за посетата и спремноста за континуираната помош што Советот на Европа му ја дава на Република Македонија. Муижниекс изрази посебен интерес во воспоставувањето на независен механизам за надзор на полицијата, како иза Законот за амнестија.
Тема на дискусија беше и процесот на лустрација и извршувањето на пресудите на европските судови за човекови права. Министерот Салији го увери комесарот Муижниекс дека Министерството за правда е отворено за секоја соработка и е подготвено да работи на подобрување на условите што треба да се усогласат со препораките што доаѓаат од Советот на Европа.