Комесарот за животна средина ќе биде втора најмоќна личност во ЕУ по претседателот на ЕК

Европското законодавство во делот на животната средина е многу стриктно. Тоа се рефлектира на домаќинствата, приватните компании и создава дополнителни трошоци, но добивките се видливи, во делот на квалитетот на воздухот и во поефикасно справување со климатските промени. Кога станува збор за половни возила имаме ист проблем со вас, бидејќи даночните политики не одат многу во прилог на превенирање на увозот на користени возила. Сега е полесно за вас кога сè уште не сте членка на ЕУ, да имате законски предуслови за увоз на вакви возила. Ние не сме многу добар пример за справување со овој проблем, вели во разговор за МИА Милан Звара, директор на одделение за активности на емисија при Директоратот за климатски промени во словачкото Министерство за животна средина.

– Кога сте дел од ЕУ дури и половните возила се дел од единствениот европски пазар и не можете да го спречите увозот на користени возила од Германија. Тоа е проблем бидејќи постои вишок на стари возила на дизел во Германија, кои никој не ги сака, а сега се многу евтини за увоз во Словачка. Германија и некои земји од Западна Европа сакаат да се ослободат од вакви возила заради усогласување со новата ЕУ-регулатива за намалување на емисиите на стакленички гасови, вели Звара.

Според него, трошоците за регистрација се мали и немаат влијание, а луѓето секогаш се раководат од економскиот принцип и избираат поевтини возила. Во делот на купување нови возила на електричен или хибриден погон има субвенции кои изнесуваат повеќе илјади евра и постои голем интерес. Определената сума на ниво на државата вели била искористена во еден ден.

Што се однесува до управувањето со отпад, во ЕУ се нагласува потребата од поголемо рециклирање на отпадот, а постојните количини отпад не се доволни за уништување во инсинератори. Инаку, отпадот е дел од слободната трговија.

– Како дел од ЕУ можете да увезете отпад, тоа се случува, но ние немаме многу капацитети за негово согорување, вели словачкиот експерт.

ЕУ промовира силна климатска акција, одржлив развој и заштита на животната средина, а во тој контекст е и презентираниот Европски зелен план од страна на новата Европска комисија како нова стратегија за раст на Европа со цел до 2050 година да стане првиот климатски неутрален континент.

– Зелениот план има три приоритети, а најголем приоритет од нив е во делот на климатските промени. Комесарот за животна средина ќе биде втора најмоќна личност по претседателот на Европската комисија. Во ЕУ постои силен притисок кон декарбонизација и климатска неутралност. Тоа ќе биде многу скап и тежок процес, но клучно е колку сте посветени на тоа. Ако сме сериозни за ова прашање, мора да го спроведеме планот, но ќе биде скапо. На располагање се и многу средства. Европската инвестициска банка вети еден трилион евра, во иднина дури 25 проценти од буџетот на ЕУ е наменет за климатски промени, посочува Звара.

Постојат, додава, и многу дополнителни фондови, а се нудат и заеми. Повеќето од инвестициите кои се прават согласно политките што ги креира Брисел во најголем дел се инвестицвии во делот на климатските промени, така што ќе има многу пари за спроведување на таа транзиција.

Инаку, секторот кој го предводи Звара е одговорен за подготовка на Стратегијата за постигнување климатска неутралност до 2050, а најтешкиот дел, вели, е да се уверат другите министерства, секој сектор, некогаш и против нивните внатрешни стратегии да преземат активности и да определеат пари и ресурси за постигнување на таа цел.

– Токму затоа Европската Унија е важна, бидејќи сите политики се креираат во Брисел, сите регулативи кои поддржуваат декарбонизација и трансформација. Но промената на свеста кај локалните власти, па дури и во министерствата, е најтешкиот дел од работата поврзана со климатските политики, нагласува Звара.

Бизнис-секторот, според него, е многу заинтересиран за можностите за инвестирање во т.н. зелена економија.

– Овие политики поврзани со климатските промени доаѓаат од сите страни, тие се дел од глобализацијата бидејќи ги намалуваат вашите трошоци, ги зголемуваат сметките за електрична енергија и многу е секси за компаниите да бидат „зелени“. Тоа е дел од поширокото решение, смета Звара.

Според словачкиот експерт, кој учествуваше на Првата сесија на Националната конвенција за ЕУ во РСМ посветена на климатските промени, предизвици што стојат пред нас во делот на климатските промени се во многу области, од управување со отпадот до градење пречистителни станици за вода кои, според европските стандарди, треба да ги има во секоја поголема општина, сè до постигнување на поставениот процент на рециклирање на отпадот.

Поглавјето 27: Животна средина има над 700 одредби и директиви и е едно од најобемните и најскапите поглавја што треба да биде инкорпорирано во македонското законодавство.

Овие стандарди, кои треба да бидат спроведени согласно Поглавјето 27, освен многу пари, бараат и соодветен стручен кадар. Северна Македонија е членка на Договорот од Париз и има преземено обврска до 2030 година да ги намали за 30 отсто емисиите на стакленички гасови во споредба со основното сценарио и притоа се утврдени 20-тина мерки за сектори што придонесуваат најмногу кон тоа – производство на електрична енергија, транспортот, градежништвото и отпадот. (МИА)