Комисијата за финансирање и буџет даде зелено светло на законот за заемот од Унгарија-пропадна планот на СДСМ да го блокира

Пропаднаа сите обиди на СДСМ да спречи финансирање на капитални проекти во општините низ Македонија и на поволни средства за инвестиции на приватниот сектор, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на прес конференција откако на собраниската Комисија за финасирање и буџет помина законот за задолжување на државава со 500 милиони евра од Унгарија.

Седницата на комисијата за финансирање и буџет беше свикана од претседателот на Собранието, Африм Гаши, откако претседателката на комисија Сања Лукаревска вчера одби да ја свика седницата, во обид да издејствува законот да се повлече од скратена постапка и да се носи во редовна, со јавна расправа.

-СДСМ во текот на изминатите денови покажа недржавничко однесување обидувајки се да спречи изградба на нови градинки, училишта, игралишта, катни гаражи, улици и други бројни инфраструктурни проекти. Проектот за 250 милиони евра за општините годишно е одобрен од граѓаните на избори, а опозициската СДСМ во паника и уплав продолжува да работи против интересот на граѓаните, како до сега – рече Стојаноски.

Тој рече и дека СДСМ нема никаков кредибилитет да зборува за задолжување затоа што тоа е партијата која јавниот долг го зголеми до рекордни 9 милијарди евра и над 60% од БДП.

-Ваквата алармантна состојба со јавниот долг допринесе за каматната стапка на последната еврообврзница што ја зема двоецот СДСМ ДУИ во 2023та година да достигне високи 6,25 т.е. речиси 100% повеќе отколку заемот кој денес сакаа да го спречат – рече Стојаноски.

Тој на седницата на комисијата со која преседаваше рече дека опозициските пратеници можеа да ги кажат на седницата своите аргументи.

– Секој можеше во свои аргументи да дојде и да каже што има на седница. Тука можевме да дебатираме и по 24 часа. Но место тоа, овде во салава ги има само пратениците од ВМРО, ВЛЕМ и од ЗНАМ, а има нула пратеници од СДСМ, Левица, ДУИ. Зошто нема ниту еден амандман ако законов не чини?, праша Стојаноски.

На седницата заменик- министерот за финансии Николче Јанкуловски  уште еднаш повтори дека  заемот е  од 500 милиони евра и ќе се повлече одеднаш. Рокот за отплата е 15 години со вклучен грејс-период од 3 години. Каматата е фиксна 3,25 проценти, а провизијата за правни услуги е 70.000 евра.

– Оваа провизија е и 10 пати пониска од претходно што се плаќало. На пример, за еврообврзницата во 2023 година провизијата беше 900.000 евра, а во 2021 година беше 1,2 милиони евра – рече Јанкуловски.

На собраниската седница зборуваше и координаторот на пратеничката група Никола Мицевски кој образложи дека во соодетниот рок претседателката на Комисијата за финансирање Сања Лукаревска од СДСМ не сакала да закаже седница за заемот и претседателот на Собранието врз основа на член 126 став 3 од Деловникот го закажал ова заседание.

Мицевски ја обвини опозицијата дека сака да ја блокира работата на Собранието.

СДСМ свој став за неприсуството на седницата најави дека ќе го објави преку соопштение.

Собраниската комисија за финансирање и буџет е првиот филтер каде што поминува законот што се носи во скратена постапка.

Собраниската седница на која треба да се гласа за заемот се очекува да се одржи во вторник следната недела.