Комисијата за спречување и заштита од дискриминација деновиве ќе ја поднесе тужбата против државата и Министерството за образование поради недостигот на голем број на учебници во основните училишта низ земјава. Од 126 учебници по сите предмети на почетокот на учебната година, министерството не обезбедило 43 учебници, односно дури 34 отсто.
„…Висината на прекршокот ќе го утврдува судот. Не би преудицирала ништо, сè е во судски раце. Ќе ги понудиме сите докази и елементи кои ги обезбедивме…“, рече Весна Бендевска, Комисија за заштита од дискриминација.
А, иако министерот за образование Јетон Шаќири се пофали дека во септември доставиле повеќе од 80 отсто од учебниците, од училиштата велат дека доставата оди бавно. Освен за прво и второ одделние, за останатите класови учебниците не стигнувале како комплети.
„…Комбинираме нешто што ќе најдеме од старите учебници, правиме некои напори, но резултатот не е тоа тоа. Во сите одделенија имаме доста недостаток и распаднати учебници“, рече Јордан Пуроски, директор на ОУ Климент Охридски-Охрид.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на седницата одржана на 5 септември одлучи да поднесе тужба против Министерството за образование. Во образложението беше наведено дека одлуката е донесена поради повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование.