Продолжува трендот на намалување на бројот на активни ковид случаи, поради што надлежните очекуваат во наредниот период да се стабилизира епидемиолошката ситуација во државата. Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, во државава активни се 3.496 случаи, од кои 1895 се во Скопје.
Министерот за здравство вчера истакна дека бројките на новозаразени секојдневно се следат и сега се наоѓаме во фаза на смирување на четвртиот бран. Во врска со тоа дали на денешната седница на Комисијата за заразни болести ќе се предложи дополнително намалување на мерките, тој рече дека прво ќе се направи анализа на епидемиолошката состојба и таа ќе даде насока во кој правец ќе се движиме.
– Серолошкиот скрининг ќе ни даде дополнителна информација како да постапуваме. Секако, ние ќе правиме анализа на состојбата која се случувала минатата недела, и ќе одлучиме за идната недела во зависност од резултатите од скринингот, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на ретки болести.
Тој напомена дека засега не може да каже дали ќе има олеснителни мерки во однос на тргање на маските на децата од училиштата, како ќе постапат во идниот период зависи од утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Смета дека согласно резултатите, нема потреба да се продолжи скринингот кај учениците, бидејќи процентот на инфицирани ученици е многу мал.
– Според досегашните резултати сметаме дека нема потреба да се продолжи со скринингот, затоа што ја постигнавме целта. Баравме од овој скрининг да видиме колкав е процентот на новоинфицирани деца, гледаме дека бројката е многу мала, 0,8 отсто, така да нема потреба од продолжување со скринингот. Секојдневно ги следиме бројките, така да сметаме дека сме во фаза на смирување на четвртиот бран, истакна Сали.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје при направени 1.362 регистрирани се 183 нови случаи на КОВИД-19, девет лица починале, а 845 се оздравени. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 297.262, бројот на оздравени пациенти е 284.756, а на починати е 9.010.