Комисијата за заразни болести утре ќе ја разгледа актуелната состојба со коронавирусот

Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок на којшто ќе биде разгледана актуелната епидемиолошка состојба со коронавирусот.

Согласно денешните податоци од Институтот за јавно здравје, направени се 1 890 тестови, а регистрирани се нови 844 случаи со КОВИД-19, од кои 188 се реинфекции. Пријавени се три починати лица од Скопје, во период од 5 до 30 јули, а оздравени се 815 пациенти.

Најголем број на активни случаи во моментов има во главниот град – 1 749, додека Пехчево и Дојран имаат по еден активен случај.

Некои од земјите во регионот веќе почнаа да воведуваат мерки за заштита од Ковид-19. Во Црна Гора, поради влошување на епидемиолошката состојба, воведено е задолжително носење заштитни маски, а здравствените власти апелираат до граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19.

Здравствените власти во Грција, пак, велат дека нивната намера е да не постојат мерки што би биле задолжителни и оти се ќе зависи од ситуацијата наесен, но тие сакаат Ковид-19, иако останува пандемија, да го третираат како ендемично заболување, „каде што нема да има потреба од строги или задолжителни мерки“.