Во Собранието денеска продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која членовите дискутираат за кандидатурата за уставен судија на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен за уставен судија од страна на владејачките партии. Претседателката на Комисија, Марија Георгиевска по неколку часа работа даде пауза.
И на денешната седница, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одржаа долги процедурални обраќања. Тие ја обвинија претседателката Георгиевска дека им го скратува правото на збор на патениците и оти Деловникот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го толкува секој ден на различен начин. Тие обвинија дека претседателката на Комисијата селективно го толкува Деловникот, но и селективно постапува спрема колегите кои би требало рамноправно да се третираат без разлика од која политичка партија доаѓаат. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека до крај со сите механизми и моќ ќе настојуваат да го спречуваат избирањето на Љубомир Јовески за член на Уставниот суд.
Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ако пратеник може да предложи точка на дневен ред без разлика дали неговиот предлог би бил прифатен или одбиен, тогаш зошто не би можел да има процедурална интервенција.
Милошоски истакна дека на почетокот на седницата побарале кандидатите за можни идни членови на Уставниот суд да бидат поканети како предложени кандидати и секој да има можност да се обрати по 20-30 минути да се претстави себе си пред пратениците, но и пред јавност и за тоа да добие оценка од пратениците и јавноста за тоа колку е компетентен и стручен. Одбивањето на оваа иницијатива, според Милошоски, ја намалува транспарентноста на оваа Комисија.
Милошоски обвини дека Георгиевска не упатила покана за седницата до членовите на Уставниот суд, токму заради, како што рече, свесноста на парламентарното мнозинство дека добар дел од кандидатите кои што ги предлагаат не исполнува ниту минимални критериуми за истакнат правник. Тој истакна дека таа е должна да им се овозможи на сите пратеници ако имаат каква било физиолошка потреба да му дозволи да ја изврши и да продолжи со говорот, без разлика колку време зборува. Тој прочита анализа од дневен весник во која се вели дека ако личноста не извршува физиолошката потреба подолго од 10 часа, може да има и неповолни последици, како оштетување на одредени органи и да имаат нус појави.
Претседателката на Комисија, Георгиевска го демантираше Милошоски дека има различен однос кон колегите пратеници и оти некои колеги пратеници повеќе почитува, а на некои им го скратува правото на збор.
-Се сметам за крајно одговорна личност да се однесувам коректно кон сите мои колеги пратеници. Апсолутно е неточно дека не сум дозволувала да учествува кој било пратеник, член, заменик или било кој заинтересиран пратеник да учествува во работата на Комисијата и да не дозволам да говори. Точно е дека не му дадов збор на Јаревски, но меѓутоа почитуваниот Јаревски е на списокот за говорници, значи колегата ќе зборува. Не е недозволено да зборува колегата. Јаревски е пријавен за збор и правото за говорење не му е скратено. Не е мое да проценувам кој зборува кратко или долго. Мое како претседателка на оваа Комисија е да воспоставам ред, секој почитувам колега да биде ислушан и да работиме согласно деловникот, рече Георгиевска.
На претходните седници, членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ.
Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.