Комора на сметководители: Владата незаконски бара ревизија во компаниите кои добија државна помош

Комората на сметководители апелира сметководители да не ја доставуваат бараната документација за компаниите од ревизорската куќа „Грант Торнтон“ ангажирана од Владата.

Тие сметаат дека незаконски е барањето од Генералниот секретарјат на Бладата да бара  ревизија на документите на фирмите кои лани, април, мај и јуни добиле субвенции од Владата.

Во писмото упатено до УЈП и до Генералниот секретарјат на владата, од Комората велат дека ваков вид ревизија не била предвидена во уредбите со законска сила, ниту пак била најавена.

„Сметководителите не се должни, ниту пак платени за тоа од нарачателот на ревизијата да доставуваат документација кон Гранд Торнтон“, пишува во писмото.

Комората на сметководители бара Генералниот секретаријат да ги повлече барањата.

„Недозволиво е за државна институција да постапува тенденциозно и да ја злоупотребува својата моќ преку дополнително оптоварување на сметководителите, притоа грубо кршејќи ја регулативата“, се вели во писмото на Комората до Генералниот секретаријат на Владата.