Бизнис коморите од Македонија неделава ќе имаат средба со Владата во обид да ја разубедат да им ја наметне еколошката такса, со која ќе се плаќа по 4,13 денари со ДДВ за секој наточен литар нафта и бензини. Тие сметаат дека тоа е нов дополнителен трошок во време на криза.
Експертите и јавноста бурно реагираа дека покрај за бизнисот тоа е дополнителен удар и за граѓаните, бидејќи новиот зелен данок кој треба да почне да важи од 1 јули, ќе ја подгрее инфлацијата и ќе удри врз џебот на граѓаните. Бизнисот очекува Владата да се премисли. Од Комората на Северозападна Македонија, велат откако побарале во петок попладне, еколошката такса ќе биде приоритетна точка на платформата за јавно-приватно партнерство на средбата во Владата.
-Реално ние сметаме дека може да има и други алтернативи за оваа тема, а не да се воведат дополнителни трошоци за компаниите. Со нетрпение чекаме во петок да се сретнеме со претставниците на владата и да ни образложи што и како. може за понови возила да нема високи царински стапки или да се укине ДДВ и слично сигурно има многу повеќе алтернативи да се постигне некоја цел за екологијата. Ова сметаме дека е чисто трошок кој треба да го покрие бизнисот во време на криза кој е апсолутно неприфатлив за нас – изјави Дриљон Исени, од комората на Северозападна Македонија
Од најголемата комора, пак, се уште чекаат прецизен тајминг неделава, кога ќе се одржи расправата за еколошката такса. Велат терминот за средбата се договара.
Од Владата одговараат дека средбата ќе биде за да се презентира владиниот план пред бизнисмените.
-На редовната средба со коморите идната недела ќе биде презентиран планот за воведување на таканаречената еколошка такса од први јули 2021. Владата е отворена за разговори со сите чинители. Како дел од процесот на енергетската транзиција и спроведувањето на праведна транзиција во енергетскиот сектор, предвидено е воведување на еколошки такси на загадувачите, вклучувајќи ги и нафтените деривати, а во наредните години и еколошка такса и на јагленот и производството на електрична енергија од јаглен, во согласност со политиките на ЕУ и обврските од парискиот договор – велат од Владата.
Премиерот Заев изминатава недела беше категоричен дека нов данок ќе има. Тој изјавидека тој е дел од зелената агенда, а целта е да се полни еколошки фонд за се поддржат инвестициите во обновливите извори на енергија. И покрај реакциите во јавноста Заев кажа дека и со новата давачка, нафтата и бензините кај нас ќе бидат со најниски цени во регионот и дека поплаките не држат вода. Им порача на граѓаните наместо автомобили, да возат велосипеди, тротинети и електрични возила.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ новата такса од 4,13 денари по литар гориво е за власта да ги пополнува буџетските дупки и да го ублажи катастрофалниот долг кој го создаде. Велат оваа такса трајно го поскапува горивото и отвора инфлаторна спирала.
Математиката, пак, на Владата е за шест месеци од оваа такса да собере 27,4 милиони евра во буџетот, или годишно во државната каса да се слеваат по 54 милиони евра.