Компанијата на Безос доби договор со NASA за градење вселенско летало

Тимот предводен од компанијата „Blue Origin“ на милијардерот Џеф Безос доби договор во вредност од 3,4 милијарди долари со американската вселенска агенција NASA за градење вселенско летало коешто астронаутите ќе ги спушти на Месечината и ќе ги врати назад на Земјата.

Како што стои во соопштението на NASA, во „Blue Origin“ имаат намера да го направат 16 метри високото летало „Blue Moon“ за спуштање на Месечината во соработка со американските воздухопловни и технолошки компании „Lockheed Martin“, „Boeing“, „Draper“ и „Astrobotic“. Агенцијата ја избра „Blue Origin“ наместо понудата од компанијата „Dynetics“, којашто е во сопственост на компанијата од воената индустрија „Leidos“.

Одлуката на NASA да ги избере Безос и неговата „Blue Origin“ ќе ѝ даде на агенцијата втора опција за испраќање астронаути на Месечината, во рамките на нејзината програма „Artemis“. Во 2021 година NASA ѝ додели договор во износ од 3 милијарди долари на компанијата „SpaceX“ на милијардерот Илон Маск за градење на вселенското летало „Starship“, кои астронаутите првпат по мисијата „Apollo“ од 1972 година би ги спуштило на површината на Месечината.

„Кажав и претходно: сакаме повеќе конкуренција, сакаме две летала за спуштање и тоа е најдобро. Тоа значи да имате сигурност, да имате резерва“, изјави администраторот на NASA, Бил Нелсон, на настанот во петокот во агенцијата.

Доделувањето на овој договор е во согласност со трендот изминатите години во NASA, според кој агенцијата помага во финансирањето на развојот на приватните вселенски летала, а потоа плаќа за нивното користење во мисиите, наместо да троши повеќе средства за да ги поседува целосно. Исто така, тоа е во согласност да се спречи зависноста во Русија со чии ракети досега NASA ги лансираше своите астронаутски екипажи на Меѓународната вселенска станица.

Од NASA изборот на „Blue Origin“ го појаснија со пониската цена, дополнителните можности на леталото и намерата на компанијата на сопствена сметка да ги изведе првите две мисии за слетување на Месечината во 2024 и 2025 година. Програмата „Artemis“ предвидува воспоставување долгорочна американска присутност на Месечината.