Компани го замени Тухел на клупата на Баерн

Винсент Компани е назначен за тренер на Баерн Минхен од следната сезона, објави во средата германскиот рекордер според титулите во лигата, откако се чини конечно заврши долгогодишната и тешка потрага на Баварците по нов стратег.
.
Баерн соопшти дека 38-годишниот белгиски стручњак потпишал договор до 2027 година, наследувајќи го Томас Тухел, кој замина со заедничка согласност по само 14 месеци и сезона во која Баварците првпат по 12 години останаа без ниеден трофеј.

Компани ја започна својата тренерска кариера во Андерлехт, а последните две сезони го водеше англиски Барнли. Прво како шампион во Чемпионшип остваро пласман во Премиер лигата, потоа во елитната класа на англискиот фудбал Барнли го освои 19. место и повторно се врати во втората лига. Белгиецот имаше договор со Барнли до 2028 година, па Баерн мораше да му плати обештетување на англискиот клуб. Според проценките на англиските и германските медиуми, висината на обештетувањето е меѓу 10 и 12 милиони евра.

„Сите во клубот се согласуваат дека Винсент Компани е вистинскиот тренер за ФК Баерн и ние со нетрпение очекуваме да работиме со него“, изјави извршниот директор на Баерн, Јан-Кристијан Дрисен во официјалното соопштение.

„Со нетрпение го очекувам предизвикот да раководам со ФК Баерн. Голема чест е што можам да работам за овој клуб. Баерн е институција во меѓународниот фудбал“, рече Компани, чиј стил на водење на екипата е споредуван со оној на Пеп Гвардиола, кој го водеше Баерн во периодот од 2013 до 2016 година

Компани играше кај Гвардиола како капитен на Манчестер Сити од 2016 до 2019 година.

„Сакам посед на топката, да се биде креативен, но мораме да бидеме и агресивни и храбри на теренот. Сега со нетрпение ги очекувам основите: работа со играчите, градење на тимот. Еднаш откако основите ќе бидат вистинските, ќе следи и успехот“, изјави Компани.

Во последната сезона под водство на Тухел, Баерн заврши на третото место во Бундеслигата, што е најлошиот палсман на Баварците од 2011 година, заостанување од шампионот Баер Леверкузен со дури 18 бода. Во Лигата на шампионите, Баерн доживеа елиминација во полуфиналето од Реал Мадрид, прими два гола во самата завршница на реваншот во Шпанија при водство од 1:0, резултат кој ги одведе Баварците во финалето по 2:2 во првиот натпревар. Во Купот на Германија, Баерн испадна од третолигашот Саарбрикен.