Министерството за економија денеска организираше средба со стопанствениците од Македонија за имплементирање на ХАЛАЛ стандардот, со цел да се презентираат можностите и значењето од воведувањето на ХАЛАЛ стандардот во работењето на претпријатијата, процесот на сертифицирање, како и можностите и начинот на аплицирање за субвенционирање на трошоците за негово воведување и сертифицирање од страна на Министерството за економија.
На средбата се обратија министерот за економија Ваљон Сараќини, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Мендерес Кучи, извршниот директор на Стопанска комора на Македонија Јелисавета Георгиева, извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов и директорот на Агенција за Халал стандард во Република Македонија.
„Министерството за економија, препознавајќи ги можностите кои ги нуди воведувањето на ХАЛАЛ –системот, посебно од аспект на подобрување на конкурентноста на компаниите и настап на нови пазари, почнувајќи од 2013 година започна со реализација на мерка – финансиска поддршка за воведување на ХАЛАЛ систем, во рамки на Програмата за конкурентност иновации и претприемништво за 2013 година, за што беа предвидени средства во вкупен износ од 500.000 денари, додека за 2014 година планирани се средства во вкупен износ од 3.100.000 и тоа за финансирање на 60% од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 300.000 денари поединечно за секој деловен субјект – барател на средствата“, информираше министерот Сараќини.
Воведувањето на овој стандард нуди дополнителна вредност на производите, ги приближува производите сѐ поблиску до синонимот „здрава храна“ за кои се зголемува интересот на потрошувачите независно од верската припадност, се подобрува конкурентноста на претпријатијата, се олеснува влезот на трети пазари и се подобрува нивото на интеркултурните комуникации помеѓу земјите и прифаќањето на различностите во светот.
Претставниците на стопанските комори во Македонија, потенцираа дека компаниите треба да ги искористат придобивките од воведувањето на ХАЛАЛ стандардот, особено сега, кога Министерството за економија има обезбедено финансиска поддршка за уште десетина компании, кои би го имплементирале ХАЛАЛ стандардот, но и тоа дека во Стопанската комора на Република Македонија функционира Оддел за имплемнтирање на стандарди, кои во секој момент им стои на располагање на компаниите за било какви прашања. Во Република Македонија од вкупно 11-те компании кои го вовеле овој стандард, седум се веќе сертифицирани, четири ја завршиле процедурата и го чекаат сертификатот, а четири компании се во процедура.
Директорот на Агенцијата за ХАЛАЛ стандард во Македонија Абаз Исљами, истакна дека со имплементирање на овој стандард сите граѓани имаат можност да употребуваат чиста, здрава, неканцерогена храна односно производство, но и тоа дека ХАЛАЛ системот денес не ги опфаќа само производите од прехранбената индустрија туку и еден поширок концепт како фармација, медицина, козметика, туризам и др.
Претставниците на компаниите „Виталиа“, „УКА Комерц“, и „Макпрогрес“ ги презентираа своите искуства од имплементација на ХАЛАЛ стандардот.
„Ја зацврстивме нашата позиција како лидер во здравата храна на околните пазари во Косово, Албанија и во Босна и Херцеговина. Се отвори уште еден хоризонт во извозната мрежа и денес „Виталиа“ извезува здрави производи во Турција, Либан, Иран, Кувајт и во Дубаи. Со воведувањето на Халал-стандардот го потврдивме квалитетот на нашите здрави производи и креиравме додадена вредност, со што уште еднаш докажавме дека купувачите и задоволувањето на нивните барања се во фокусот на нашето внимание“, истакна Никола Ветаџокоски сопственикот на „Виталиа“.