Компаниите кај кои ќе биде утврден судир на интереси ќе треба да ги повлечат апликациите

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски денеска на прес конференција ги повика компаниите  кои аплицирале за првиот грант за иновации и технолошки развој во наредните 15 дена да се изјаснат дали во сопственичката структура имаат лица избрани на функции или членови на нивни потесни семејства.

– За компаниите кои ќе декларираат дека во сопственичката структура имаат избрани лица ќе побарам Комитетот за евалуација повторно да ги разгледа апликациите. Но тоа не значи дека Комитетот ќе го послуша моето барање, оти тоа е самостојно тело и одлучува според критериумите кои се сега актуелни и според кои се доделени парите- рече Деспотовски.

Тој додаде дека во првиот повик критериум за сопственичката структура не постоел, туку имало критериум дали сопствениците се државјани на Република Македонија.

– Компаниите кај кои ќе биде утврден судир на интереси ќе треба самите да одлучат дали ќе ги повлечат апликациите – рече Деспотовски.

Деспотовски дополни дека процесот е транспарентен и не одговори на прашањето дали лично тој смета дека постоел конфликт на интереси.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал претходно информира дека  оформи предмет по допрен глас по објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој.