![IT](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/04/IT.jpg?resize=651%2C386&ssl=1)
Владата на Република Македонија продолжува со помошта кон бизнис-заедницата со цел раздвижување на технолошкиот развој во земјава и отварање нови работни места.
На јавниот повик за финансирање преку инструментот Ко-финансирани грантови за старт-ап, спин-оф трговски друштва и иновации кој го организираа Владата и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), најмногу интерес покажаа компаниите од информатичката индустрија.
На јавниот повик кој заврши на 18ти април, има вкупно 77 пријавени апликанти, од кои 20-тина од нив ќе добијат финансиска поддршка од Владата која обезбеди 600.000 евра.
Инструментот кофинансирани грантови за старт-ап, спин–оф компании и иновации ќе обезбеди финансирање до максимум 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 Евра. Останатите 15% од вкупниот буџет за проектот, треба да бидат обезбедени од подносителот на барањето за финансирање.
Целта на овој фонд е поттикнување и поддршка на иновациската дејност во микро, малите и средните претпријатија за остварување забрзан технолошки развој, базиран на трансфер на знаење, истражување за развој и иновации кои ќе придонесат за создавање нови работни места и економски раст и развој, истовремено подобрувајќи ја бизнис-околината за развој на конкурентските способности на претпријатијата.
Истражувањата покажуваат дека компаниите кои вложуваат во иновативни процеси, во просек забележуваат раст на профитот од 10 до 30 проценти, додека извозно ориентираните компании се многу поиновативни од оние кои работат само на домашниот пазар.
Проектите во рамките на инструментот кофинансирани грантови за старт-ап, спин – оф компании и иновации ќе траат 12 месеци, со можност за продолжување за најмногу 6 месеци.
Според податоците добиени од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, сосема е очекувана големата заинтересираност за овој проект кај информатичкиот сектор, со оглед на тоа дека софтверските решенија имаат широка примена во повеќе сфери и дејности.
Оттаму велат дека предлог-проектите кои се поднесени од страна на компаниите, дополнително ќе подлежат да проверки од аспект на апликацискиот пакет, односно од нив ќе биде побарано да ги достават информациите кои им недостасуваат во пријавите.
-По завршувањето на постапката на административна проверка, предложените проекти ќе бидат оценети и дел од нив ќе бидат селектирани од страна на Комитет за одобрување на инвестиции. Според предвидениот план на ФИТР, понатамошниот процес предвидува посета на терен и дополнителна евалуација која ќе ја направат стручни лица од соодветната област на специјализација, изјави Бојана Трајковска, виш соработник во одделение за спроведување програми.