Здружението на индустриска зона Визбегово, на денешната работна средба со министерот за домашни инвестиции Хисен Џемаили, на која присуствуваа над 50 компании од Зоната, како еден од поголемите проблеми со кој се соочуваат од аспект на градежни инвестиции го истакна фактот што во последните неколку месеци се соочени со нерална пресметка на комуналии во Општина Чучер Сандаво, што, според нив, директно влијае на стагнација и застој на целокупното работење и инвестирање во општината.
-Станува збор за 35 пати повисокa комунална такса за уредување на градежно неизградено земјиште споредбено со другите општини. Земјиштете е проценето на нерелани 700 евра за квадратен метар, со што инвеститорите веќе имаат врзано финансиски средства во купени парцели кои сега заради давачките не се осмелуваат да ги изградат. Согласно тоа е потребна итна ревизија и нивелација на комуналиите во рамки на сите останати индустиски зони за да има можност за реализација на нови проекти, изградба на нови компании и секако нови вработувања кои се сепак домашни инвестиции, истакна Тања Кроневска, претставник од одборот на Здружението на компании од индустриска зона Визбегово.
Здружението, додаде, и понатаму останува да делува, да лобира и да бара решенија за унапредување на работењето на сите компании од оваа зона и е отворена за помош и поддршка од страна на сите институции.
На настанот присуствуваа и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Арбен Вила, и заменик директорот на Царинска управа Ирфан Бучи. Владините претставници ги претставија мерките за финансиска подршка во рамки на Планот за економски раст предвиден со Законот за финансиска подршка на инвестиции. Компаниите имаа можност да се информираат околу можностите за придобивка од мерките што ги нуди државата и за нивно стимулирање и проширување во наредните години. Исто така се дискутираше за царинските бариери и проблематики со кои се соочуват компаниите во работењето како и разгледување на можностите за нивно надминување.