Компаниите платиле околу 32 милиони евра во Буџетот за солидарен данок

Од вкупно 150 компании кои ги опфаќа овој данок, односно кои минатата година имале промет од над 10 милиони евра, а зголемувањето на добивката е за 20 отсто во однос на просекот од претходните три години, 96 ја подмириле својата обврска. За останатите доколку не ги подмират ќе следуваат казни.

„За даночните обврзници кои доброволно не го уплатиле данокот за солидарност во законски предвидениот рок, УЈП ќе преземе мерки согласно Законот за данок на солидарност и Законот за даночна постапка“, велат од УЈП.

Казните кои ги предвидува законот се движат од 1.800 до 20 илјади евра.

Закон за данок на солидарност:

Член 11

(1) Глоба во износ од 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (среден трговец) и од 3.000 до 10.000 евра во денарскапротиввредност ќе му се изрече на даночен обврзник – правно лице (голем трговец) за прекршок, ако не поднесе до УЈП соодветен образец за пресметување на данокот на солидарност.

Член 12

(1) Глоба во износ од 3.600 до 12.000 евра во денарска противвредност за даночен обврзник правно лице (среден трговец) и од 6.000 до 20.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (голем трговец) ќе му се изрече за прекршок доколку при утврдување на висината на приходот, наведе неточни податоци поради кои дошло до утврдување на помал износ на данок за солидарност.

А парични казни освен за компаниите, се предвидени и за одговорните лица. За законот за солидарност изминатиов период имаше низа реакции од бизнис заедницата при што беше побарано да се одложи неговото донесување, но тоа не се случи. Откако беше изгласан и стапи на сила Стопанските комори пред Уставниот суд поднесоа иницијатива за испитување на уставноста на законот, а се бараше и времена мерка поради кратките рокови кои им се дадени во законот.