Компанијата „Johnson&Johnson“ мора да плати 4,7 млрд долари на група жени заболени од рак

Американски суд одреди дека проиводителот на хигиенски препарати и лекови „Johnson& Johnson“(J&J) мора да плати 4,7 милијарди долари отштета на 22 жени коишто тврдеа дека поради употреба на неговите производи од талк заболеле од рак на јајниците.

Поротата на судот во американската сојузна држава Мисури пресудила дека компанијата мора да плати почетна отштета од 550 милиони долари, додавајќи камата на тоа и 4,2 милијарди долари отштета, известува во петокот BBC.

Во текот на процесот кој траеше шест седмици, жените и нивните семејства сведочеа дека заболеле од рак на јајниците откако со децении користеле пудра за бебиња и други производи од талк. Нивните правни застапници тврдеа дека во компанијата уште од 1970-те години знаеле дека нивниот талк е загаден со азбест, но дека не ги предупредиле потрошувачите за ризиците.

Од „J&J“ ги негираа овие тврдења, истакнувајќи дека нивните производи не содржат азбест и дека не предизвикуваат рак. Талкот е минерал и понекогаш во почвата може да се најде во близина на азбест, напоменува BBC во прилогот.

Од фармацевтскиот гигант истакнуваа, исто така, и дека неколку истражувања покажале дека талкот е безбеден истакнувајќи дека пресудата е производ „во основа на неправедната постпака“. Изразија разочарување од пресудата и најавија жалба на неа.

Американската Агенција за храна и лекови (FDA) нарача истражување на разни примероци од талк, вклучително и оној од „J&J“. Истражувањето е спроведено од 2009 до 2010 година и азбест не е пронајден, во ниту еден примерок. Меѓутоа, обвинителот кажал пред судот во Мисури дека и FDA и J&J користеле погрешен метод за испитувањата.

Вкупниот износ на отштетта од 4,7 милијарди долари е највисокиот во постапките во коишто „J&Ј“се соочува со тврдењата дека неговите производи предизвикале рак. Минатата година поротата во американската сојузна држава Калифорнија одреди отштета од 417 милиони долари на жена којашто тврдеше дека заболела од рак на јајниците по користење на производи од оваа компанија, вклучително и пудра за бебиња. Дополнително, судија ја поништи оваа пресуда. Во моментов против оваа компанија се водат 9.000 судски постапки поврзани за нејзината позната пудра за бебиња.