
-Со овие набавки двојно е зголемен бројот на испитувања кои може да се прават во оваа установа. Бројот на прегледи континуирано расте и во делот на лабораторијата, но и во делот на специјалистички услуги. Вкупниот број услуги од 2014 година изнесувал околу 21 илјада, а минатата година се реализирани над 29 илјади прегледи, што значи имаме сериозен раст на бројот на услуги кои се даваат во оваа здравствена установа. Тоа е веројатно резултат на посветениот и стручен кадар и на новите реновирани простории и апаратура кои се ставаат комплетно во функција на граѓаните кои живеат во овој дел на градот, рече Тодоров.
Истакна дека е задоволен од тоа како функционира здравствената установа и рече дека се трудат средствата што ги обезбедуваат со систематските прегледи да ги инвестираат во развој на здравствената установа, што, според него, е одличен пример за тоа како треба да се инвестираат средствата во здравството.
Директорката на Здравствена станица Железара Оливера Давчева рече дека имаат високо организирана специјалистичко консултативна служба и служба за систематски превентивни мерки, современо опремена биохемиска лабораторија, ренген кабинет и четворица интернисти.
-Континуирано се трудиме да се подобрат условите во секој поглед. Со „Мој термин“ ја имаме зголемено бројката на здравствени услуги за 40 проценти. Условите за хигиена се максимално подигнати. Постојано воведуваме нови методи, набавуваме нова опрема во рамките на нашите можности и со помош на Министерството за здравство, рече Давчева.