Конаковиќ ги обвини сопружниците Изетбеговиќ дека се вистинските нарачатели на нелегалното прислушување во БиХ

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, и до неодамна министерот за внатрешни работи на Федерацијата БиХ Аљоша Чампара тврдат дека лидерот на Партијата за демократска акција (SDА) Бакир Изетбеговиќ и неговата сопруга Себија се вистинските иницијатори за нелегалното прислушување на судиите и обвинителите во земјата.

Претседателот на Судот на БиХ, Ранко Дебевец, и поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање и безбедност (OSA) Осман Мехмедагиќ беа уапсени на почетокот на седмицава под сомнение дека организирале и наредиле незаконско прислушување.

Во четвртокот, на барање на Државното обвинителство, Судот на БиХ им одреди мерка притвор во траење од еден месец до завршување на истрагата, односно собирање на сите расположливи докази за околностите под кои државните судии и биле прислушувани обвинителите кои работеа на најсложените случаи на криминал и корупција.

Во меѓувреме, Дебевец беше суспендиран од функцијата претседател на Судот на БиХ, на којашто беше од 2016 година, со одлука на Високиот судски и обвинителски совет (VSТV). Мехмедагиќ, пак, беше разрешен од функцијата директор на OSA во февруари годинава.

Министерот Конаковиќ, кој е и лидер на партијата Народ и Правда (NiP), еден од членовите на владејачката коалиција во БиХ, сега вели дека вистинските креатори на оваа невидена афера се сопружниците Изетбеговиќ, бидејќи тие го поставиле Мехмедагиќ како шеф на разузнавачката служба и тој за нив ги извршувал „валканите работи“ за пресметка со политичките неистомисленици.

„Налогодавачи се Бакир и Себија Изетбеговиќ, тука нема автономија. Особено во тој разузнавачки сегмент. Тие се под контрола на партијата. Тоа што тој (Мехмедагиќ) го правел беше целосно контролиран од претседателот на партијата (SDA), убеден сум во тоа“, изјави Конаковиќ за Телевизија Сараево.

Самиот Конаковиќ претходно беше член и функционер на SDA, а таа партија ја напушти во 2018 година токму поради конфликтот со двојката Изетбеговиќ, кои ги обвини за спонзорирање на криминалот и корупцијата во земјата.

Сега вели дека би имал право да се радува поради сето она што го кажал тогаш, но, како што истакнува, не е моментот, бидејќи има индиции за над стотина случаи на незаконско прислушување, а сето тоа треба да се истражи и дури тогаш ќе се знае степенот на широко распространетата политичка инструментализација на судството и разузнавањето.

Меѓу првите одлуки што ги донесе актуелната влада во БиХ по нејзиното формирање на почетокот на годината беше разрешувањето на Мехмедагиќ од челната позиција во OSA и назначувањето на Алмир Џува, кој претходно беше директор на таа агенција.

„Со политичка борба ја скинавме главата на змејот во OSA, која беше центар на заплашувања и уцени“, рече Конаковиќ.

Дека Бакир и Себија Изетбеговиќ се најодговорни за судско-разузнавачкиот скандал што ја потресе државата, тврди и поранешниот министер за полиција и актуелен пратеник на Федерацијата БиХ, Чампара, кој исто така беше член на SDA, па и тој ја напушти таа партија и му се придружи на Конаковиќ во NiP.

Во одвоено интервју за јавниот сервис BHT1, тој рече дека Бакир Изетбеговиќ лично му потврдил дека неговите главни потпори во политиката што ја води се неговата сопруга, Османагиќ и поранешниот федерален премиер Фадил Новалиќ, кој во меѓувреме беше непавосилно осуден на четири години затвор за проневера при купување респиратори за време на пандемија.

„Ја напуштив партијата (SDS) поради луѓе како Осмица (Мехмедагиќ)“, рече Чампара.

Тој заклучил дека Изетбеговиќ со нивната политика ја уништиле секоја доверба во државните институции, вклучително и во судството, а најголема штета им нанеле на Бошњаците, за чии интереси тврдат дека се борат.