-За добро образование која и да е влада, треба да има коалиција со наставниците, бидејќи децата ќе учат тоа што им кажуваат наставниците, рече професор Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, вели таа, ова не е реформа, ова е пропадната реформа како што вели и еден од креаторите на истата, Кирил Барбареев.
„Не е реформа во број и распород на часови. Реформата е во тоа што ќе учат децата, како ќе учат, каков ќе биде резултатот на крај од тоа што наставниците го вложиле. Ние сите знаеме дека треба реформа, дека треба да се менуваат податоците кои се застарени, да се учат децата да анализираат и слично. Но, за образованието треба консензус. ВМРО-ДПМНЕ нема да биде позиција која не ја слуша опозицијата. Ние ќе ги слушаме нивните критики ако се издржани. Оваа концепција ќе мора да претрпи длабоки реформи, она што е добро ќе се задржи. Веќе наставниците имаат искуство, но она за уште сега се кажува дека не е во ред, е запишано и ќе се најде начин да се среди“, кажа Јаневска.
Новата власт на ВМРО-ДПМНЕ, додаде Јаневска, ќе обезбеди пристојни услови за работа на наставниците, а на учениците, за учење.
Во врска со проблемот со платите на просветниот кадар, таа рече дека Владата вети дека ќе потпише колективен договор во кој платите на наставниците ќе се движат соодветно на минималната плата во државава.
„Тоа не го направија. За да го оттргнат вниманието од сите проблеми, се ближат избори, сега калкулираат со некои 15 проценти. Потрошувачката кошничка е зголемeна за 15.000 денари, а платите на наставниците за 6.000 денари“, вели Јаневска.