![џамбазов Концерт на Филхармонија за 80. роденден на Александар Џамбазов](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/04/dzambazov.jpg?resize=450%2C300&ssl=1)
Македонската филхармонија во рамките на манифестацијата „Денови на македонска музика“ вечер во Домот на АРМ со почеток во 20 часот ќе одржи концерт со познати солисти, посветен на 80. роденден на Александар Џамбазов.
Под палката на маестро Саша Николовски-Ѓумар, ќе биде изведен дел од богатиот творечки опус на Џамбазов „Седум танцови варијации“ за пијано и оркестар, каде како солист ќе се претстави Дино Имери, потоа „Реминисценција“, „Балада за Шпато“, „Marciale Maligano“ и „Југосаунд“.
Програмата на концертот вклучува и изведба на негови вокални композиции, меѓу кои „Охрид и јас“, „Да нема разделби“, „Галеби бели“, „Само ти“, „Довидување“, „Љубов неверна“, „Детство“, а ќе бидат изведени и потпури од детските хитови на маестро Џамбазов. Како гости на концертот се најавени солистите Наде Талевска, Сашо Гигов – Гиш, Бибa Додева, Александар Тарабунов, Андријана Јаневска.
Пред почетокот на концертот свечено ќе бидат доделени наградите на СОКОМ „Трајко Прокопиев„ за животно дело, „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски автор и „Панче Пешев“ за најдобро дело од македонски автор.
Водител на програмата е Игор Џамбазов, а влезот е слободен. Проектот е финансиски поддржан од Македонската филхармонија.
Александар Џамбазов се смета за еден од најистакнатите македонски композитори. Во Скопје завршува нижо и средно музичко, а во Белград дипломира на Музичката академија во 1960 година. Работниот век, го минува во Македонската радио-телевизија, најнапред како соработник во музичките редакции во периодот од 1960 до 1964, а потоа како диригент на Танцовиот оркестар на чие место останува сè до крајот на неговиот работен век. Тој се врзува со втемелувањето на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ и фестивалот на детска песна „Златно славејче“. Со своето творештво Џамбазов остава трајна трага во развојот на македонската музика од втората половина на 20 век и тоа во повеќе нејзини жанрови.