Гудачкиот состав на Пламенка Трајковска денеска ќе одржи концерт со наслов „Нем филм во 4“ во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.
На концертот премиерно ќе биде изведена првата композиција оригинално напишана за нем филм „Убиство на војводара од Гиз“ од Камиј Сен Сан од 1908 година. Ќе бидат изведени и композиции од Жорж Бизе, Чарли Чаплин, Скот Џоплин и Пламенка Трајковска. На концертот ќе има и проекција од култните неми филмови „Убиство на војводата од Гиз“, „Светлата на градот“, Бурлеска на тема од Кармен“, „Жена од Париз“, и ,,Големиот диктатор“.
Во гудачкиот состав покрај Пламенка Трајковска ќе настапат и Љубица Бошкова на виола и Александра Јаневска на виолончело. Комплетната видео проекција ја подготви Пламенка Трајковска.
Досега Пламенка Трајковска реализираше уште неколку проекти во кои во фокусот е музиката од филмовите, како концертите „Музика и филм“, „Музика и цртан филм“, „Виолина и филм“, кој таа го реализираше онлајн за време на пандемијата со ковид 19.
Пламенка Трајковска има реализирано голем број на концерти во државава и на најзначајните културни манифестации Скопско лето, Бит фест, Штипско културно лето, Петровденски ракувања, Топол културен бран, Караманови средби, Кавадаречка културна есен, и многу други настапи на концертни сцени во Македонија и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција,Танзанија и Турција.