Реномираните уметници, српскиот виолончелист Драган Ѓорѓевиќ и македонскиот пијанист Дино Имери, испреплетувајќи ги своите музички сензибилитети, вчеравечер беа вистинско уживање на публиката на 64. „Охридско лето“.
Во црквата „Света Софија“, Имери и Ѓорѓевиќ изведоа специјално креиран репертоар за оваа фестивалска вечер. Челистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки се враќа на концертниот подиум на „Охридско лето“ по речиси две децении каде што го имал и еден од неговите позначајни концерти за неговата кариера.
-Репертоарот беше разновиден, за изведувачите предизвикувачки, за публиката интересен. На почетокот ги свиревме „Бетовеновите варијации“, потоа Шнитке со „Свита во стар стил“ што е многу интересно дело и не се свири толку често, а овде беше во аранжман за чело и пијано. Ја изведовме „Адаџо и Алегро“ од деликатниот, но секогаш прекрасен Шуман, а на крајот ја отсвиривме „Соната за виолончело и пијано“ од Сергеј Рахмањинов, рече виолончелистот Ѓорѓевиќ.
Ова е прва соработка на двајцата уметници, виртуози на своите инструменти и миленици на публиката.
-Програмата ја одбра колегата Драган и таа во себе инкорпорира она што е највиртуозно, најинтересно, музички длабоко, и во делот на пијаното, и во делот на виолончелото. Таков беше првиот дел, а вториот дел беше неговиот и мојот пристап кон воопшто создавање на музика во еден вид ансамбл каде што ниеден од учесниците не може да биде надреден или подреден. Се работи за постојана интеракција во секое од делата што беа изведени и мислам дека публиката ја почувствува таа симбиоза, истакна пијанистот и професор Дино Имери.
Имери и Ѓорѓевиќ, како што кажаа, веќе разговарале за следни соработки, што според нив е многу природно со оглед на тоа што се пронашле и како музички сензибилитети, но и како личности и карактери што е особено важно за заедничкото музицирање.