Концерти и изложби на „Скопско лето“

Во рамки на манифестацијата „Скопско лето 2015“ вечер во Мала станица ќе биде отворена изложбата  „Големата мајка и змејот“, во Сули ан ќе се одржи Фестивал на музички документарни филмови, а во Музејот на град Скопје концерт на ансамблот за современа музика „Сонорис“.

Изложбата на накит и чипка „Големата мајка и змејот“ е на Билјана Клекачкоска – македонска дизајнерка на накит која со современ авторски пристап твори во филигранска техника и на Тина Кодер Грајзар – словенечка дизајнерка која авторски твори идриска чипка.

Како основен медиум и поле на изразување и двете дизајнерки избираат стари занаетчиски техники, органски поврзани со околината, поднебјето од кое доаѓаат. Како појдовна точка на заедничкиот проект тие избираат по еден симбол од местата во кои живеат и творат „Големата мајка божица“ од Скопје и „Љубљанскиот змеј“.

Во Музејот на град Скопје концерт ќе одржи ансамблот за современа музика „Сонорис“. Ќе настапат Лејла Беќири – флејта, Шкељзен Бафтиари – пијано, Марјан Милошевски – фагот, Игор Бакревски – кларинет и Марија Наумовска – сопран.

Ансамблот за современа музика „Сонорис“ е основан од композиторот и уметнички директор – Вулнет Таири, во 2007 година во Гостивар.  Ансамблот е составен од музичари од поширок спектар и тоа: композитори, инструменталисти, соло пејачи, како и педагози, кои се усовршувале на полето на современата музика.

На Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, вечер ќе се одржи Фестивал на музички документарни филмови.

Ќе бидат прикажани филмовите „Дом на млади“ – Штип /Македонија во режија на Тања Симоновска, „Денот да е радосен“ во режија на Љубица Поповска и „Јас сум андерграунд“ во режија на Митко Трајановски и Александар Манасиев.