Kондомите за младите Французи до 25 години отсега се бесплатни во сите аптеки ширум земјата, со одлуката на владата на претседателот Емануел Макрон која тоа го смета за превентивна мерка во спречувањето несакана бременост и сексуално преносливите болести.
Макрон планот го претстави на почетокот од декември и првично беше наменет за младите од 18 до 25 години, но по критиките во јавноста беше проширен и на малолетниците.
Во Франција веќе цела година на сила е мерката за бесплатна контрацепција, вклучително и апчиња и вагинални спирали, за жените до 25 години, а претходно право на бесплатни апчиња против зачнување имаа девојките до 18-годишна возраст.
Со иницијативата за бесплатните кондоми, владата настојува да го реши проблемот на сексуалното здравје на младината.
Кога станува збор за сексуалното образование, пак, Макрон рече дека Франција не се изјаснила, како и дека „реалноста е многу многу далеку од теоријата“. „Мораме подобро да ги едуцираме наставниците во оваа област, мораме повторно да ги сензибилизираме“, рече францускиот претседател.