Украинскиот претседател Виктор Јанукович и лидерите на опозицијата денеска во присуство на европските посредници потпишаа договор за излез од политичката криза, пренесува МИА
Договорот предвидува предвремени претседателски избори, формирање на коалициска влада и промена на уставот.
Се очекува во рок од 48 часа од потпишувањето на договорот да се изготви првична верзија на новиот устав со кој ќе се ограничат претседателски овластување, како и во тој рок да се состави нова влада. Уставните реформи треба да бидат завршени до септември, а предвремените претседателски избори да се одржат веднаш по усвојувањето на новиот устав, но не подоцна од декември.
Договорот предвидува демонстрантите да се повлечат од улиците и административните згради, кои ги заземаа за време на кризата и да го предадат илегалното оружје. Безбедносните сили да отстапат од линиите на конфронтација, а употребна на сила ќе им биде дозволена само за заштита на административните згради.
Договорена е и заедничка истрага за настаните, во која ќе бидат вклучени властите, опозицијата и претставници на Европскиот совет.