![berlin izbori](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/berlin-izbori.jpg?resize=696%2C305&ssl=1)
И по повторното пребројување на гласовите од повторените избори за парламентот на градот-сојузна покраина Берлин резултатите останаа исти победник Христијанско-демократската унија (CDU), па следи Социјалдемократската партија на Германија (SPD), нејзиниот партнер во власта на сојузно ниво сојузот на Зелените (Bündnis 90/Die Grünen) и опозициската Левица (Die Linke), а станува збор за конечните официјални резултати од изборите одржани на 12-ти февруари, соопшти во понеделникот изборната комисија.
Победник е CDU со освоени 28,2 отсто од гласовите, а SPD и Зелените освоија по 18,4 отсто, со тоа што социјалдемократите имаат предност од 53 гласа. Следуваат Левица со 12,2 и антиестаблишмент и противодселеничката партија Алтернатива за Германија (AfD) со 9,1 отсто. Либерал-демократите од Слободната германска партија (FDP), којашто исто така е дел од владејачката коалиција на сојузно ниво не успеа да го мине изборниот праг.
На конечните официјални резултати се чекаше невообичаено долго поради дополнителното пребројување на гласовите во една берлинска населба каде по изборите не биле пресметани гласовите стасани по пошта.
Досегашната коалиција на социјалдемократите, зелените и Левица најави дека сака да ја задржи власта во Берлин, и покрај фактот што како најсилни поединечно на изборите беа демохристијаните. Тројната коалиција уште минатата седмица одржала подготвителни разговори за формирање на новата покраинска влада.
Главниот (шпицен) кандидатот на CDU, Каи Вегнер најави дека и неговата партија, како победник на изборите, има право на формирање на покраинската влада. Демохристијаните веќе разговарале со социјалдемократите, а во вторник ќе разговараат со Зелените.
Опозицијата и во Берлин и на сојузно ниво ги критикуваше настојувањата на досегашната коалиција предводена од социјалдемократите повторно да формира влада и покрај големото губење гласови на изборите. Опозицијата укажува и на фактот дека сегашната и веројатна идна градоначалничка-премиерка на Берлин, Франциска Гифи не освои директен мандат во својата изборна единици, но и покрај тоа сака да остане на досегашната функција.
Изборите беа повторени откако Уставниот суд во Берлин утврди „значителни пропусти“ на изборите за парламентот во Берлин, кои беа одржани заедно со сојузните избори во септември 2021 година,. Тогаш во многу изборни единици недостигале гласачки ливчиња, а поради мноштвото гласачи некои избирачки места останале отворени и по 18 часот.