Конечно мало разладување. Во Скопје веќе има засилен ветер, грмотевици и темни облаци, кои најавуваат невреме. Во некои делови од градот веќе врне дожд.
За денес метеоролозите веќе најавија дека ќе настапи мало разладување. УХМР информираше дека попладнево ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во западните и јужните делови, а не е исклучена и изолирана појава на краткотрајно невреме со засилен ветер и ретка појава на град.
Во текот на утрешниот ден се очекува да настапи постепено стабилизирање на времето, но во источните делови сеуште е можна изолирана појава на краткотраен дожд со ретки грмежи.
Според најавите на метеоролозите по денешнотомало разладување, во текот на следната недела не очекува сончево и уште потопло време со температури на повеќе места над 35, а долж Повардарието и над 40 степени.
Како што најавуваат метеоролозите, од почетокот на следната недела нашето подрачје ќе потпадне под влијание на уште потопла и сува воздушна маса од југ, што ќе предизвика натамошен пораст на дневните температури.
Се очекува температурите во поголем дел од земјава да бидат над 35 степени.
Особено уште потопло време се очекува да настапи кон средината на неделата, кога долж Повардарието и во југоисточниот дел дневните температури ќе бидат над 40 степени.
Почитувајте ги препораките
Владата на Република Македонија, по предлог од Министерството за здравство, минатата недела донесе препорака за ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, во периодот од утре (22 јули) до вторник (28 јули), но по се изгледа ако се земат во предвид најавите од метеоролозите овој временски период ќе биде пролонгиран.
Во истиот период, се препорачува на работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот.
Препораките се донесени имајќи предвид дека подолг период државата е зафатена со повисоки температури, кои според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи ќе продолжат во претстојниот период до почетокот на следната недела.
За граѓаните од целата држава важат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, носење светла и лесна облека, избегнување престој на отворено, консумирање лесна храна, термички обработена храна и повеќе течности (а да се избегнува консумирање на лесно расиплива храна), редовно одржување хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Повеќе за препораките на следниот линк.