„Не смееме да дозволиме евроскептицизмот, кој е веќе присутен и во земјите-членки на ЕУ, да се рефлектира и во нашата земја, што би било резултат на незадоволството на граѓаните од долгогодишното чекање пред портите на Унијата“.
Ова го изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, во функција на копретседавач на 10-от состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на региони на Европската унија, што се одржа денеска во Скопје, повикувајќи ги претставниците на ЕУ да ни помогнат „правилно да ги реализираме сите потребни чекори“ и да ја искористат нивната моќ и влијание за да се исполни „желбата на нашите граѓани Република Македонија да стане членка на Европската унија“.
Тој додаде дека локалната власт е активно вклучена во тој процес и „има значајна улога во спроведувањето на реформите за имплементирање на европските стандарди“.
Инаку, на состанокот свои обраќања имаа и министерот за локална самоуправа, Тахир Хани, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Канур, Франција, Жак Бланк, како и градоначалниците и други претставници на општините од Македонија и од повеќе европски градови, кои разговараа за отворање можности на општините за директен пристап до европските фондови за земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, како што се ИПАРД-петтата компонента и новата ИПА програма.