Фудбалерите на Рома ниту во третото соочување сезонава не успеаја да го совладаат норвешки Бодо, па во првиот четвртфинален меч од Конференциската лига во Норвешка, римјаните беа поразени со 1:2.
Двете екипи играа во фазата по групи, и тогаш Бодо како домаќин ја декласираше Рома со 6:1, а на „Олимпико“ римјаните не успеаја да го скршат противникот и ремизираа со 2:2.
Во овој дуел Рома поведе со голот на Пелегрини во 43 минута, иако Бодо и дотогаш остави подобар впечаток на теренот, Во продолжението од мечот домашните и натаму беа поактивни и израмнија во 56 минута. Стрелец беше Вембангомо, но голот е по грешка на гостинскиот голман Руи Патрисија, кој почетнички згреши и не го скроти релативно лесниот удар од 20-ина метри. Во 89 минута Бодо пред реваншот дојде до предност и тоа со голот на Ветлесена за конечните 2:1.
Олимпик Марсеј на својот стадион го победи грчки ПАОК со 2;1. Домашните поведоа во 13 минута преку Жерсон, а особено впечатлив момент на „Велодром“ се одигра во 45 минута. Домашните изведоа корнер, Ундер топката ја испрати на 20-ина метри, а таму ја дочека Димитри Паје кој од прва со фантастичен волеј ја испрати топката под пречката. ПАОК, сепак, извлече минимален поераз и тоа по погодокот на ЕЛ Кадури во 48 минута а кој во игра влезе на почетокот од вториот дел.
Лестер и ПСВ одиграа натпревар без голови.
Во попладневниот термин неверојатен дуел одиграа Феенорд и прашка Славија. Со шест погодоци дуелот заврши без победник 3:3. Дуелот беше исполнет со пресврти. Холанѓаните поведоа со 1:0, потоа Славија сврти на 2:1, но Феенорд потоа поведе со 3:2. Во 95 минута Траоре го заврши овој луд меч со гол за конечните 3:3.
РЕЗУЛТАТИ
Четвртфинале (први натпревари):
Феенорд – Славија Прага 3:3 (Синистера 10, Сенези 74, Кокчу 86 / Олајинка 41, Сор 67, Траоре 90 + 5)
Бодо Глимт – Рома 2:1 (Вембангомо 56, Ветлесен 89 / Пелегрини 43)
Марсеј – ПАОК 2-1 (Жерсон 13, Паје 45 / Ел Кадури 48)
Лестер – ПСВ Ајндховен 0:0
Реваншите ќе се играат за една недела, на 14-ти април.