Неверојатен исход имаше реваншот од првото коло од квалификациите за Конференциската лига, во кој северноирскиот Гленторан беше домаќин на малтешкиот претставник Гзира Јунајтед и на крајот беше елиминиран од натамошното натпреварување по ударите од 11 метри, во кој Малтежаните победија со 14:13.
Сепак, драматично беше и пред пенал „рулетот“. Првиот натпревар одигран на Малта заврши со резултат 2?2, а во 18. минута Боби Барнс промаши пенал за домашните. Гзира поведе во 67. минута со голот на Макула, а во 13. минута од судиското надополнување, Барнс се извади за неискористениот удар од белата точка и постигна гол за да го испрати натпреварот во дополнителни 30 минути.
Во продолженијата немаше голови, па се изведуваа удари од 11 метри. И откако се наредија сите десет играчи, а потоа голманите ги изведоа ударите од белата точка, немаше победник, бидејќи резултатот беше 11:11.
Гзира имаше предност, бидејќи нејзините играчи секогаш први шутираа и постојано ги ставаа противниците под притисок. Така Вилкинсон, кој беше прецизен во првата серија, погоди за водство на Малтежаните од 12:11. Повторно на ред дојде Џеј Донели кој шутираше во првата серија за Гленторан. Во 12-та серија, голманот на Гзира, Давид Касар, погоди на која страна ќе шутира домашниот напаѓач и го одбрани неговиот удар и се втурна во прегратките на соиграчите. Но, тој не забележа дека топката поради ротацијата што ја доби го продолжи патот кон мрежата и ја мина гол-линијата, па и по 12 пенали не добивме победник.
Сепак, во 14-та серија Касар го одбрани ударот на Леон Бојд и со тоа ѝ обезбеди на Гзира пласман во второто коло од квалификациите, во кое малтешкиот тим ќе игра против луксембуршкиот Дуделанж.