Фудбалерите на Лацио победија со 1:0 на својот „Олимпико“ во Рим против романски Клуж во првиот натпревар од плеј-офот за осминафиналето на Конференциската лига.
Во 15 минута римјаните останаа без исклучениот Шпанец Патрик, но и со играч помалку успеаја да победат. Победничкиот гол го постигна Чиро Имобиле во четвртата минута од судиското продолжение на првото полувреме.
Претходно во четвртокот фудбалерите на Фиорентина убедливо славеа со 4:0 на гости кај португалската Брага во првиот натпревар од осминафиналето на Конференциската лига. „Виолите“ ја разбија Брага која го доживеа првиот шок во првата минута од судиското надополнување на првото полувреме, кога погоди Србинот Лука Јовиќ. Во 55 минута црвен картон доби домашниот играч Витор Тормења, а Фиорентина го искористи тоа и постигна уште три гола. Уште еден постигна Јовиќ, а преостанатите два беа дело на Бразилецот Артур Кабрал.
Турскиот Трабзонспор на домашен терен успеа да победи со минимални 1:0 против швајцарскиот Базел, а единствениот гол на натпреварот го постигна Данецот Јенс Стригер Ларсен во 65 минута.
Азербејџански Карабаг со истиот резултат славеше на домашен терен против белгиски Гент, со голот на Леандро Андрадо од Зеленортските Острови во 78 минута. Во 51 минута домашниот играч Рамил Шејдаев промаши пенал.
На натпреварот меѓу норвешки Бодо/Глимт и полски Лех немаше голови.
Лудогорец во Разград го совлада Андерлехт со 1:0, а единствениот гол за бугарскиот тим го постигна Бразилецот Игор Тиаго во 9 минута.
На Кипар АЕК Ларнака го совлада украински Днипро со 1:0, а победничкиот гол го постигна Шпанецот Анхел Гарсија на шест минути пред крајот.
Партизан славеше на гостувањето кај молдавски Шериф во Тираспол со голот на Рикардо Гомеш од Зеленортските Острови за 1:0.
Реваншите се на 23-ти февруари. Во осминафиналето победниците ги чекаат истанбулски Башакшехир, Вест Хем, Вилјареал, Ница, АЗ Алкмар, Џургарденс, Сиваспор и Слован Братислава.
Осминафиналето е на 9-ти и 16-ти март, четвртфиналните на 13-ти и 20-ти април, а полуфиналните деили на 11-ти и 18-ти мај. Финалето ќе се одржи на 7-ми јуни во Прага.