Делегацијата конгресмени на САД, предводена од когренсменот од сојузната држаа Тексас, Бил Флорес, која престојува во Македонија вчера се сретна со премиерот Зоран Заев при што, како што соопшти владината прес-служба, упатила честитки за постигнувањето на договорот со Грција и признание за досегашните реформски процеси на Македонија, а подоцна во вторникот вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, имаше средба со група американски конгресмени предводени Флорис.
Заев ги информирал американските конгресмени за околностите во кои беше постигнат договорот со Република Грција, придобивките од него, како и за подготовките за претстојниот референдум и за кампањата што му претходи.
Од Министерството за одбрана соопштија дека на средбата биле потврдени одличните партнерски релации меѓу двете земји како и поддршката на САД во контекст на реформите кои ги презема Владата. Била упатена честитка за добивањето на покана за почеток на пристапни преговори за НАТО и истакната поддршката на САД во овој контекст.
„Министерката Шекеринска рече дека Македонија се гордее со стратешкото партнерство со САД и ја цени поддршката за интеграцијата во ЕУ и НАТО, а посетата на конгресмените од САД е уште еден доказ за оваа поддршка“, се вели во соопштението.
За нашите граѓани, рекла Шекеринска, нема алтернатива освен интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО – над 75 отсто ги поддржуваат ЕУ и НАТО интеграциите.
„Поканата за НАТО е неверојатен успех за Македонија, ако се знае дека само една година претходно беше заробена држава. На стартот сме на пристапните разговори со НАТО и по успешниот исход од референдумот на 30 септември нашата интеграција во Алијансата е обезбедена. Македонија е голема надеж за Балканот и може да биде позитивен пример кој ќе охрабри дека со удвојување на реформите и надминување на отворените прашања навистина се напредува. Сигурната НАТО и ЕУ иднина ќе ја зајакне стабилноста на Балканот“, рекла Шекеринска.
Групата конгресмени кои денеска го посетија Министерството за одбрана ја сочинуваа и конгресмените Дејвид Прајс, Сузан Дејвис, Дина Титус и Џери Коноли. На средбата присуствуваа и заменикот началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, амбасадорот на САД, Џес Бејли и одбранбеното аташе на САД во РМ, полковник Тимоти Бјукен.