Од американската амбасада во Скопје во петокот за „Дневник“ потврдија дека Бејли е отсутен од ова дипломатско претставништво, но не станува збор за некое вонредно патување, туку престојот бил во рамките на редовните патувања.
„Амбасадорот Бејли ја користи можноста за редовното предвидено патување во САД за да се сретне со неколку претставници на Kапитол хил и на Стејт департментот за да разговара за приоритетите на САД во Македонија и за нашиот дипломатски ангажман“, се наведува во одговорот на американската амбасада во Скопје за „Дневник“.
Оттаму додаваат дека овие средби ја потврдуваат поддршката на САД за интеграцијата на Македонија во евро-атлантските институции како напредна, издржлива, мултиетничка демократија.
Интересно е да се забележи дека до отсуството на Бејли од нашата земја дојде токму во периодот кога кај нас престојуваше еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Бриселскиот функционер тука водеше важни разговори за разрешувањето на политичката криза за формирањето на новата владина коалиција, а предизвикана со договарањата на СДСМ со албанските партии врз основа на тиранската платформа за која директно влијание имаше албанскиот премиер Еди Рама.
Поради тоа, останува дилемата дали редовното патување во САД на амбасадорот Бејли, кој инаку е мошне вклучен во разрешувањето на македонската политичка криза и е обвинуван дека директно се инволвира во неа ставајќи се на страна на опозицијата, е мотивирано со идејата да се остават поголем простор и влијание за политичките пораки на еврокомесарот Хан или, пак, патувањето е изнудено со сѐ помногубројните обвинувања во него од влијателните фактори во американскиот политички живот.
Според одредени шпекулации, Бејли е во САД за да се сретне со конгресмени со цел да го намали притисокот врз себе и да одржи средба со амбасадорот на САД во НАТО за да издејствува оттаму да се зголеми притисокот врз претседателот на Македонија, Иванов, да му го даде мандатот за формирање влада во РМ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Познато е дека истрага за политизирањето на улогата на американската амбасада во Македонија и повик до новоименуваниот државен секретар Рекс Тилерсон да го разреши амбасадорот Џес Бејли првин најави водечкиот американски републикански конгресмен Kристофер Смит.
На чело на групата од шест републикански конгресмени, Смит уште во средината на јануари побарал објаснување од амбасадорот Бејли за обвинувањата дека Амбасадата во Скопје работи во полза на политички партии и финансира проекти на Фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија. Kога Бејли не одговорил на писмото на конгресмените, Смит, кој е член на конгресната Kомисија за надворешни работи и претседава со Хелсиншкиот комитет за соработка со ОБСЕ, изјави дека е неопходна темелна истрага на активностите на американската амбасада во Македонија и разрешување на амбасадорот.
– Американскиот амбасадор не смее да има улога во формирањето влада и да зазема страна при формирањето коалиција. Тоа не е местото на САД, ниту на американските претставници во Скопје. Овој амбасадор зазел страни и треба да биде отпуштен веднаш – соопшти тогаш Смит.
По нив, и група американски сенатори најавија нова, петта истрага против работата на американскиот амбасадор Бејли во Скопје. Тие официјално побараа од Рекс Тилерсон да се истражи каде завршувале парите од УСАИД во Македонија.
По ова, следуваше и одговорот на Бејли. Меѓутоа, конгресмените потоа пак реагираа дека се незадоволни од добиениот одговор бидејќи тој не дал одговор на конкретните прашања за обвинувањата за својата партиска пристрасност и финансирањето партиски поврзани невладини организации.