Конгресната процедура за импичмент Трамп ја спореди со линч

Американскиот претседател Доналд Трамп конгресната истрага за импичменот против него денеска ја спореди со „линч”, што многумина ја сфатија како расистичка изјава од најмрачните денови на ерата на ропството на црнците во Америка.

Трамп на Твитер итно реагираше тврдејќи дека импичментот е неправеден и го лишува од неговите законски права.

„Сите републиканци, кои се сведоци на ова што се случува,  треба ова да го запомнат, ова е линч. Но, ние ќе побдиме!”, напиша Трамп на Твитер.

Кристен Кларк, претседателот на Националниот адвокатски комитет за граѓански права, веднаш реагираше изјавувајќи дека „ и се гади да ја гледа грубата злоупотреба од употребениот термин од страна на Трамп“.

Кларк изјави дека во САД меѓу 1882 и 1968 година се линчувани 4.743 лица, од кои 3.446 биле афроамериканци.

-Линчувањата биле злосторства против човештвото и грозен дел од историјата на нашето расно насилство, кажа Кларк.

„Повеќе од срамно е да го употребувате зборот „линчување“ за да опишете дека носите одговорност за вашите дејствија“, изјави кандидатот за претседател од Демократската партија, Хулиан Кастро.

Трамп се наоѓа под истрага за евентуален импичмент во Претставничкиот дом на Конгресот, во кој мнозинството го имаат демократите, заради неговата претпоставена злоупотреба на функцијата. Тој смета дека Сенатот, во кој доминираат републиканците, ќе го ослободи од одговорноста, доколку Претставничкиот дом првично го изгласа импичментот.