Конгресот на Флорида го одобри законот за оружје

Претставничкиот дом на американската сојузна држава Флорида го одобри во средата законот со кој се ограничува пристапот до огнено оружје, но и создава простор за можност за вооружување на училишниот персонал, како одговор на неодамнешниот масакр во Паркленд кога беа убиени 17 луѓе.

По изгласувањето во понеделникот во Сенатот на Флорида, „законот за јавна безбедност Мерџори Стоунмен Даглас“ по името на училиштето во коешто на 14-ти февруари беа убиени 17 лица, беше одобрен во Претставничкиот дом со 67 гласови „за“ наспроти 50 „против“.

За да стапи на сила, мора да го ратификува гувернерот на Флорида, Рик Скот, но тој уште се нема изјаснето дали ќе се спротистави. Законот автоматски ќе стапи на сила по 15 дена, доколку Скот не стави вето на него. Гувернерот неодамна изјави дека се противи на предлогот на претседателот Доналд Трамп да се вооружат наставниците.

Со новиот закон се покачува возраста за купување оружје од 18 на 21 година и се наметнува рок од три дена од предавањето на барањето до купувањето оружје. Законот, сепак, не забранува продажба на автоматско оружје, иако тоа беше едно од главните барања на учениците на Флорида и нивните родители.

Новиот закон, исто така, овозможува вооружување на дел од персоналот во јавните училишта, но не и на наставниците коишто работат во класовите.