Конгресот ја прифати најголемата даночна реформа во САД во последните 30 години

Американскиот конгрес ја прифати во средата најголемата реформа на американскиот даночен систем во последните 30 години, којашто претседателот Доналд Трамп ја нарече „историска победа за американскиот народ“.

Овој закон ќе биде „неверојатен божикен подарок за сите вредни Американци“, изјави претседателот Доналд Трамп. „Не верувам дека пазарите сѐ уште сфатиле до која мера овие реформи се добри“, истакна. Појасни, исто така, дека со овој документ е укинат клучниот дел од Обамакер.

Станува збор за првата голема правосудна победа за американскиот претседател, по неговите единаесет месеци на должност, оценуваат агенциите.

Откако даночната реформа рано утрото во средата ја прифати Сенатот, горниот дом на Конгресот, подоцна во текот на денот го прифати и Претставничкиот дом со 224 гласови „за“ и 201 „против“. Претставничкиот дом мораше да гласа повторно поради технички причини, откако реформата веќе ја изгласа во вторникот.

Предложената даночна реформа е најголемата реформа на американскиот даночен систем во последните триесет години. Според даночната реформа би се намалила даночната стапка на пригодите на поимотните граѓани, додека даночната стапка на компаниите би била симната од 35 на 21 отсто.

За домаќинствата со средни приходи данокот следната година ќе биде намален во просек за 900 долари, а за најбогатите еден отсто Американци за 51.000 долари, објави непартискиот Центар за даночна политика, тинк-тенк од Вашингтон.

Со оваа реформа, исто така, се укинува и дел од здравствениот систем познат како Обамакер и се дозволува дупчење на нафта во заштитените области на Арктик, амандман додаден во последен момент за да се обезбеди поддршката од доволен број пратеници.

Републиканците тврдат дека пакетот закони ќе ја зајакнат економијата и ќе придонесат за отворање нови работни места. Реформата ја сметаат за неопходна и за да се задржи мнозинството во Претставничкиот дом и во Сенатот на изборите во ноември 2018 година.

Демократите, пак, тврдат дека реформата ќе го зголеми јазот во приходите меѓу богатите и сиромашните Американци, а големиот државен долг од 20 билиони долари ќе нарасне во следните години за дополнителни за 1,5 билиони долари.

Претседателот Доналд Трамп ја поддржува реформата, а нејзиното усвојување ќе претставува голема законодавна победа по неколкуте неуспешни обиди да ја укине реформата на здравственото осигурување од 2010 година на неговиот демократски претходник Барак Обама, за која републиканците тврдат дека е неефикасна и не ги дала очекуваните резултати.

Според анкетата на агенцијата Reuters и институтот Ipsos, околу 52 отсто од возрасните Американци го одобруваат планот за даночните реформи, а 27 отсто се против негo.