Конгресот одобри пакет помош за надминување на ковид-кризата над 900 милијарди долари

Американскиот Конгрес го усвои законот за помош на најпогодените од кризата со корона вирусот, вреден повеќе од 900 милијарди долари, а на кој се чекаше повеќе месеци.

Новиот пакет помош ќе обезбеди 300 долари помош за невработените на неделно ниво, потоа еднократна помош од 600 долари за сите американски граѓани, а бенефит ќе имаат и компаниите кои беа најтешко погодени од пандемијата, како и училиштата и некои други државни институции. Во рамки на овој пакет помош, предвидени се околу 275 милијарди долари за помош на малите бизниси, меѓу кои се кафулињата и рестораните, кои се меѓу најтешко погодените од кризата.

Законот беше усвоен во Претставничкиот дом, а веднаш потоа и во Сенатот. Сега се чека само уште потписот на претседателот Доналд Трамп.

Министер за финансии на САД, Стивен Мнучин, најави дека исплатите од новиот пакет мерки можат да пристигнат идната недела.

Во првиот пакет мерки изгласан при крајот на март 2020 година, директните исплати почнаа да пристигаат две недели по донесувањето на законот, а за многу Американци тие исплати доцнеа со месеци.

Поконкретно, вториот пакет мерки вклучува еднократна парична помош од 600 долари (двојно помалку од онаа во пакетот мерки изгласан во март) за секој Американец со годишна плата под 75.000 долари годишно. За семејствата со деца под 18-годишна возраст исплатата е исто така по 600 долари од дете. Невработените лица ќе продолжат да примаат исплати, но, двојно помалку, или 300 долари неделно. Вклучена е помош и за малите бизниси, авиокомпаниите, пари за дистрибуција на вакцините и низа други мерки.

Според Мнучин, пакетот мерки е „извонреден“ и ќе им помогне на САД по економското заздравување да бидат посилни.

Во законот е предвидена помош и за транспортниот сектор како Амтрак (американски железници), 82 милијарди долари помош за школите, 20 милијарди долари за дистрибуција на вакцините и 13 милијарди за други и трошоци и за боновите за исхрана.