Анализата за злоупотребите со екстра лесното гориво е објавена, но Министерството за финансни не кажа како конкретно ќе се реши проблемот. Ваквата состојба оди во прилог на оние што прават злоупотреби, а на штета на реалниот бизнис и граѓаните кои очигледно сега нема да знаат какво гориво ставаат.
За решение на повеќегодишниот проблем државата размислува уште од почетокот на април, но сега наместо конкретно решение има само анализа што го констатира тоа што со години се знае, дека разликата во цената од 12 денари меѓу дизелот и екстра лесното гориво мотивира користење и продажба спротивно на неговата намена.
Зошто државата анализираше толку долго за да не донесе суштински мерки во спречување на злоупотребите со екстра лесното гориво останува нејасно. Дотолку што од една страна се задолжува со цел да обезбеди дополнителни средства во буџетот за справување со економската криза, а од друга не покажува желба да ги наплати даноците кои и следуваат од акцизата што ја губи поради злоупотребите.
Анализата покажува дека расте трендот на увоз и веднаш пуштање во промет, а се намалува трендот екстра лесното гориво да се пушта од акцизен склад. Најголем дел од пазарот има компанијата Окта со удел од 84 проценти, која минатата година во промет пуштила околу 50 милиони екстра лесно гориво, од кои најголемиот дел го продала на останатите трговци на големо, а само три проценти директно на крајни корисници.
Најголеми купувачи на екстра лесно гориво се компаниите Пуцко Петрол, Дади Оил и Супертрејд со вкупен удел од околу 70 проценти.
Откако тука ќе се приклучат и количините кои се увезуваат од страна на останатите увозници, повторно во првата група на компани кои продаваат кон крајни корисници се Пуцко Петроол, Дади Оил и Супертрејд со вкупен удел од околу 65 проценти.
Структурата на крајните потрошувачи на екстра лесното гориво е 70 проценти приватни, а 30 отсто државни компании. Податоците од анализата покажуваат дека кај државните институции основната намена е греење и затоплување и во најголем дел екстра лесното гориво се користи во зимскиот период, додека кај приватните корисењето е поврзано со дејноста.
Објавувањето на ваква анализа без носење конкретни мерки во најмала рака е разочарувачко, бидејќи со злоупотребите на екстра лесното гориво губат граѓаните – кои несвено ќе продолжат да користат неквалитетно гориво кое содржи стопати повеќе штетни материи, а губи и држвата која собира помалку средства.
За сузбивање на нелегалната трговија со нафтени деривати, анализата предлага сет од три мерки, но веројатно се ќе остана само на предлог, бидејќи носењето на мерки е тешко веројатно со завршена вонредна состојба и распуштено собрание.