Најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарен состав, согласно новиот Деловник на Собранието. Седницата ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески.
Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот парламентарен состав, согласно роковите од новиот Деловник, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.
Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска на средба со новинарите информираше дека тој исто така до 12 мај треба да ја свика и седницата за инаугурација на новиот претседател, по изборите на 24 април и евентуален втор круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.
Во Собранието денеска треба да започне последната пленарна седница и да заврши до утре, а закажани се и продолженија на неколку други седници.
Митрески нагласи дека на седницата е предложена Декларација за одбележување на четвртата годишнина од НАТО и 75 години од основање на Алијансата.
Претседателот на Собранието смета дека е многу значајно да се донесе оваа Декларација на самиот крај овој мандатен состав и со тоа ќе остават порака за идните пратеници.
Додека трае изборната коампања не планира да свикува седници и сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница.
Митрески посочи дека ова се редовни парламентарни избори и дека согласно Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание.