Мега скандалот на Оливер Спасовски со 70-те илјади возачки дозволи издиша како балон. Документите сеуште се во депоата на МВР и фаќаат прашина веќе половина година.
Сител ТВ ги документираше возачките кои според Спасовски како тогашен технички министер во МВР тврдеше дека се работеше за големо отритие за фалсификување лични документи. Директно ги посочи како одговорни највисоките функционери од Владата, а скандалот го открил откако наредил попис во магацинот.
Спасовски обвини дека документите кои според него биле дупликати на веќе постоечки дозволи, биле изработени од германска реномирана фирма, а биле наменети за продажба и злоупотреба на идентитети. Но оттогаш до денеска, скандалот не доби разрешница.
Спасовски додека раководеше во МВР не поднел ниту една кривична пријава за овие 70 илјади возачки дозволи. Останува нејасно зошто не постапил ако веќе знаел и имал докази дека тие се нарачани од претходното раководство и не побара истрагата да биде целосно завршена. Во меѓувреме Спасовски беше демантиран од самата германска компанија „Веридос“ и се откри дека целиот скандал за мега криминал во МВР беше измислен од техничкиот министер.
Компанијата рече дека се работело за грешка која била веднаш воочена по пристигнување на бланко документите во Скопје, а МВР ја информирало Веридос веднаш по откривањето на грешката.
Следниот чекор, персонализацијата, не би ни постоел, бидејќи ќе била веднаш спречена од безбедносните мерки на системот. Спасовски еден месец пред да го објави скандалот знаел за грешката и прифатил извинување, но наводниот криминал бомбастично го објави и тоа во екот на објавените информации за негова директна поврзаност и врски со Чауш кој е осуден за случајот фалсификување лични карти.
Аферата заврши неславно за Оливер Спасовски исто како и фабриката за афери на СДСМ, но останува големиот срам кој го нанесе на МВР на меѓународно ниво.
Спасовски си замина од функцијата без ниту една поднесена кривична пријава, со повеќе решенија носени по незаконски пат а ќе се памети и по огромниот срам за кој не се извини ниту на германската компанија ниту на вработените во МВР ниту на граѓаните.